Банките во САД се подготвуваат за банкрот?
Американските банки почнаа да изработуваат планови во случај да дојде до банкрот на САД поради неможноста да ги отплаќа своите долгови или доколку најголемата светска економија го загуби својот сегашен кредитен рејтинг, кој изнесува ААА, тврдат банкарски извори. „Банката на Америка“, „Велс Фарго“ и „Ситигруп“ потврдуваат дека прават планови за минимизирање на штетите од можниот банкрот на земјата или од намалувањето на кредитниот рејтинг, но одбиваат да изнесат детали за своите стратегии. Економскиот весник „Волстрит џурнал“, објави дека големите банки во САД „трошат стотици часови во изработка на планови во случај да дојде до најлошото сценарио“.
„Некои од нив прават планови за прибирање готовина со цел да ја зголемат својата ликвидност во случај на криза“, изјави главниот економист на компанијата „Ригтсон ИЦАП“, Лу Крандал. Аналитичарите сепак сметаат дека американските банки се толку многу изложени на владиниот долг или зависат од него, така што можат многу малку да сторат за да се спасат од кризата. Обврзниците на американското Министерство за финансии со децении важеа за максимално сигурни инвестиции, па многу банки голем дел од својот капитал го инвестираа во овие обврзници или други хартии од вредност на американската Влада. Минатиот месец американските банки поседувале државни обврзници во вредност 1,66 билиони долари. Според аналитичарите, теоретски гледано банките имаат неколку опции за заштита на својата сопственост над американските владини обврзници. Тие можат да купуваат т.н кредитни дифолт свопови (ЦДС), односно финансиски инструменти со кои инвеститорите се штитат од можен ризик преку склучување договори за осигурување во случај на банкрот. Вредноста на ЦДС за американските владини обврзници со рок на доспевање на една година во мај двојно се зголеми, но таа и натаму остана на многу ниско ниво. Банките исто така сметаат и на слабеење на доларот во случај на банкрот или намалување на кредитниот рејтинг на САД.
Сепак според аналитичарите евентуалниот банкрот, па дури и само намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, би нанеле големи штети на банките, бидејќи тие имаат ограничени опции за заштита од ваквото неповолно сценарио. Според банкарски извори, и покрај ваквите подготовки, сепак меѓу банкарите на Волстрит и натаму преовладува мислењето дека Белата куќа и Конгресот на САД ќе успеат во последен момент да постигнат договор за зголемување на лимитот за задолжување, со што би се спречил банкрот на земјата, кој, како што предупреди американскиот претседател Барак Обама би претставувал глобална економска апокалипса. Обама бара од Конгресот да го зголеми лимитот за владините гаранции за задолжување, кој сега изнесува 14,29 билиони долари, до 2 август, со цел да се спречи банкрот, но конгресмените и натаму остануваат поделени во мислењата околу зголемувањето на даноците и намалувањето на буџетските трошоци. (МИА) |