Европските десничари го осудија масакрот во Осло

Преиспитување на степенот на ксенофбичност во ЕУ по бранот економски имигранти
БРИСЕЛ – Екстремнодесничарските партии во Европа го осудија масакрот што во петокот се случи во Норвешка кога напаѓачот Андерс Беринг Брејвик ги искористи некои од нивните централни начела – антиимиграција и национализам – за да ги оправда своите акции.
Триесет и двегодишниот Норвежанец, кој вчера требаше да се појави пред судот во Осло откако уби 93 лица во бомбашки и друг напад, напишал Манифест на 1.500 страници во кои тој силно ги осудува либералните политики на Норвешка и мултикултурализмот како целина во Европа наведувајќи дека тоа води кон „исламизација на Европа“.
Манифестот, за чие подготвување тој наведува дека му биле потребни девет години, се осврнува особено на таквите партии како Лига за англиска одбрана, отворено антимуслиманска екстремистичка група во Британија и холандската Партија на слободата, антиимигрантска партија што ја потпомага владата во Хаг.
Европските екстремнодесничарски партии, чии ставови станаа поконвенционални што, пак, кај многумина во нив резултираше со тоа што успеаја да влезат во парламентот, и тоа за првпат во последниве неколку години, жестоко ги отфрлија постапките на Брејвик.
Герт Вилдерс од холандската Партија на слободата изјави дека убиецот бил „насилна и болна личност“ и додаде дека неговата партија „изразува сочувство до сите семејства на жртвите и на норвешкиот народ“.
Марин Лепен, лидер на антиимигрантски ориентираниот Национален фронт, моментално третата најголема политичка сила во Франција, изјави дека нејзината партија „нема ништо со норвешкиот масакр, кој е дело на осамен лудак што мора безмилосно да биде казнет“.
Убиствата во Норвешка, исто така, беа осудени и од данската Народна партија, шведските демократи и вистински Финци, антиимигрантски ориентирани и националистички партии, кои се претставени во националните парламенти на Данска, Шведска и Финска, и сите се сметаат за отворени и прогресивни нордиски општества како и Норвешка.
И ЕУ-лидерите, исто така, излегоа со жестока реакција. Германската канцеларка Ангела Меркел го нарече „грозно злосторство“, додека, пак, францускиот претседател Никола Саркози рече дека станува збор за „гнасен и неприфатлив чин“.
Меѓутоа, злосторствата се на пат да покренат одредено преиспитување во ЕУ каде што екстремната десница е во подем, искористувајќи го чувството против странците и стравувањата за работните места додека Унијата се обидува да се справи со економската криза.
Ова резултираше со тоа што централнодесничарските лидери како Саркози да се обидат да повратат дел од загубената доверба кај гласачите со зборување на важноста на националниот идентитет и заземање на поцврст став во однос на имиграцијата.
Минатата година Ангела Меркел изјави дека мултикултурализмот е „целосно неуспешен“ додека британскиот премиер Дејвид Камерон, исто така, се справуваше со овој проблем во февруари велејќи „државниот мултикултурализам потфрли“. „Искрено, потребна ни е помалку пасивна толеранција каква што постоеше во последниве години, а многу повеќе активен, силен либерализам“, рече тој. (ЕУ обзервер) |