Пелистер се заканува со бојкот на првенството
Спортскиот директор Митко Стојковски (средина, долу), си замина, како и Тони Мицевски (тех. директор), а отказ доби и тренерот Хусеин
Битолскиот прволигаш во длабока криза, кој ќе го спаси клубот?
Миодраг Мицковиќ
Што се случува со најпопуларниот битолски спортски клуб, со фудбалерите на Пелистер. Зачестија поразите, клубот го напуштија главните спонзори, си заминаа и легендите на битолскиот фудбал - Митко Стојковски и Тони Мицевски, спортскиот и техничкиот директор, пред неколку кола отказ доби и шефот на Стручниот штаб, Неџат Хусеин, и Пелистер две кола пред крајот од есенското првенство се најде на претпоследното место само со 12 бода. Што е уште полошо, битолскиот прволигаш може да „презими“ на последното место на табелата, со „фенерот“ в рацете, бидејќи в недела му гостува на Металург, а во последното коло игра со одличниот тим на Милано на стадионот под „Тумбе кафе“.
Играчите се незадоволни, клубот им должи пари дури од минатото првенство за пласманот во Купот на УЕФА, сегашното раководство на чело со новиот претседател Круме Волнаров нема по се' изгледа капацитет да го води Пелистер. Тоа се виде на последните натпревари кога уследија поразите и заминувањето на клучните играчи. Што е уште полошо зачестија и црвените картони, така што клубот и во последните две кола ќе биде ослабен. Во меѓувреме, во текот и пред првенствоот Пелистер го напуштија Пашовски, Елмазовски, Рутевски и Димов кои заминаа во тетовска Шкендија, Блажевски во Грција, а Менде Степановски зеде исписница и повеќе не сака да игра за битолчаните.
Положбата навистина не е розова, пари нема, поради неплатени сметки исклучена е струјата на стадионот, така што за да се загреат бојлерите и обезбеди топла вода за играчите по тренинзите, тие се приклучени на улично осветление!
И наместо да се свртат кон своите проблеми, кон долговите на играчите, да се бараат нови сигурни спонзори, да се стабилизира клубот и сопре заминувањето на фудбалерите, управата се сврте кон судењето и судиите. Тие се сега виновни за слбата игра и кризата на Пелистер. Дури се заканија со бојкот на првенството, нема да патуваат за Скопје на мечот со Металург се' додека ФФМ не расчисти со судиите кои наводно тенденциозно суделе на штета на Пелистер.
Особено дрвја и камења раководството на клубот фрла кон нашиот најдобар судија, интернационалецот Александар Ставрев кој спроед нивно мислење тешко ги оштетил на мечот со Ренова не досудувајќи пенал за Пелистер и покажувајќи два црвени картони на нивните играчи - ��тисниовски и Вељановски. Ренова победи со 1:0.
Колку „тешко“ ги оштетил Ставрев битолчаните покажува и овој податок. Имаа играч повеќе од 37 минута бидејќи Ставрев му покажал црвен картон на играчот на Ренова, Деспотовски. Потоа некаде од 75 минута имаа и два играчи повеќе кога играчот на Ренова, Стојанов, се повредил, не можел да бдие заменет бидејќи тренерот на тетовчаните, Костов, веќе извршил три замени.
И на крајот, двајцата играчи на Пелистер, Стисниовски и Вељановски биле исклучени во 89 минута, заедно со фудбалерот на Ренова - Реџепи, во истата минута. Што е уште поинтересно Стисниовски бил исклучен на клупата, не на теренот бидејќи фрлил со шише во игралиштето, така што практично во тие последни две-три минути, заедно со судиското продолжување Ренова играла со осум играчи. Таа предност Пелистер не знаел да ја искористи. И кој е сега тука виновен. Имавме можност да ја видиме касетата од мечот, пеналот не постоел, тоа го тврди во извештајот и контролорот Раско Мишковски. Со еден збор се' било регуларно. Затоа, најдобро е Пелистер да се сврти кон своите слабости и проблеми. Најлесно е да се бојкотира првенството, Пелситер не е клуб на поединци и на Круме Волнаров, тој е клуб на градот, и Битола треба да им помогне на своите миленици. Без оглед на сегашните резултати, Пелистер тоа го заслужува. |