„Златната топка“ за Роналдо
Зад Роналдо се најде феноменалниот Лионел Меси, додека трет е Фернандо Торес
Првотимецот на Манчестер јунајтед, Португалецот Кристијано Роналдо, ја освои „Златната топка“, која францускиот фудбалски магазин „Франс фудбал“ ја доделува на најдобриот играч во Европа.
Ова признание, порано познато како „Европски играч на годината“, востановено е 1956 година. Годинава беше доделено врз основа на гласањето на 96 новинари од целиот свет.
Зад Роналдо се најде феноменалниот Лионел Меси од Барселона, додека трет е напаѓачот на Ливерпул, Фернандо Торес.
Роналдо е трет Португалец, кој ја освоил ова награда. Пред него тоа беа Еузебио во 1965 година и Луис Фиго во 2000 година. Роналдо, исто така, стана првиот играч на Манчестер Ј. кому по пауза од 40 години му припаѓа ова признание., Последниот играч кој ја освои „Златната топка“ беше Џорџ Бест во 1968 година, а пред него тоа им појде од рака и на Шкотот, Денис Лоу, во 1964 година и на легендата на англискиот фудбал Боби Чарлтон 1966 година.
Торес: Ако Јунајтед ја освои титулата, тоа ќе биде трагедија
Ливерпул не успеа да се одлепи на чело на табелата во Премиерлигата, откако завчера одигра само 0:0 против Вест Хем. Сега е лидер, но само со бод предност во однос на Челзи.
Ливерпул ја имаше иницијативата, но сето тоа беше без реализација. Вест Хем, пак, нема победа на „Енфилд роуд“ цели 45 години, а првата можеше да му ја донесе Грег Белами, но само ја погоди стативата од голот на Рејна пред крајот на првиот дел.
Напаѓачот на Ливерпул Фернандо Торес изјави дека ќе биде голема катастрофа ако Ливерпул годинава не биде шампион. Манчестер јунајтед се враќа во игра за титулата и доколку тој биде шампион ќе го добие епитетот на најдоминантен тим во Англија, бидејќи ќе има 18 трофеи, колку што сега има Ливерпул. „Манчестер притиска и ако го освои шампионатот, тоа ќе биде голема трагедија за нас. Ливерпул не е шампион веќе 19 години и сите живееме за тоа“, изјави Торес.
Реал се договорил со Хунтелар
Весникот „Ел Мундо“ тврди дека Реал Мадрид веќе се договорол со напаѓачот на Ајакс Клас Јан Хунтелар, кој е повреден во моментов и не игра за холандскиот тим. Наводно „кралевите“ ќе го претстават Хунтелар на „Сантијаго Бернабе“ оваа недела, а официјално ќе заигра за новиот тим, по зимскиот преоден рок. Доколку Хунтелар дојде во Реал М. ќе биде шестиот Холанѓанец во овој тим по Ван Нистелрој, Робен, Снајдер, Ван дер Варт и Дренте.
За Робињо соиграчите имаат
губитнички менталитет
Најголемата ѕвезда на Манчестер Сити Робињо полека ги губи нервите. По поразот од градскиот ривал во сопствениот двор младиот Бразилец почна да пука по губитничкиот менталитет на своите играчи. Тој смета дека Сити има добри играчи, кои имаат менталитет на мала екипа. Тоа што им треба е став на победник.
„Во Реал М. научив да победувам. На друго не сум навикнат. Тука играм во тим кој се задоволува со петто или шесто место. Но јас мислам дека можеш да бидеш задоволен ако си прв и ако победуваш на гостувањата. Кога играш против Челзи во гости мораш да ја сакаш победата. Така е и со Јунајтед и со Ливерпул, а тие се задоволуваат со бод“, порача Барзилецот.
Навивачите на Марсеј им се закануваат со смрт на оние на Атлетико М.
Повеќе од стотина заканувачки писма и мејлови стигнаа на адресата на управата на Атлетико Мадрид, а пратени се од навивачите на Марсеј, кои се гневни поради тоа што нивниот член Сантос Мирасиери се' уште се наоѓа во шпанскиот затвор по инцидентот на овие два клуба на мечот во Мадрид. Пораките се напишани на три јазика: шпански, англиски и француски, а некои беа објавени и во шпанските медиуми. |