Тони Зен
Суперзен во суператмосфера
„Тони Зен е Суперзен“ е насловот на најновиот четврти албум на македонскиот хип- хоп артист Тони Зен, што беше промовиран завчера во Сули-ан во Старата скопска чаршија. На промоцијата што беше придружена од чил-аут звуци од миксетата на диџеј Чваре и придушена светлосна атмосфера, присуствуваа голем број пријатели, претставници од седмата сила, како и колеги, меѓу кои беа Каролина, Тамара, „Некст тајм“, Ламбе Алабаковски со девојката, Токсикологија, Коки Костовски, Камењар, Иво Јанковски, Надица Георгиева, Мики Црнокрак...
„Ви благодарам на сите што сте присутни и за поддршката што ми ја давате. Им благодарам на моите другари од маало, на членовите од „Токсикологија“, со кои ја подигнавме рап-културата на едно повисоко ниво, на мојата продуцентска куќа „Симплисити“ и, секако, на новинарите, кои несебично ме поддржуваат во она што го работам“, изјави Тони на завчерашната промоција.
На новиот албум се сместени седумнаесет композиции, чии текстови ги напиша Тони, а за музиката се погрижија Бертан Аслани, кој е и продуцент, потоа Јован Јованов, Нино и Скит Скитара. По промоцијата, Тони Зен замина на заслужен одмор, по што го очекува продолжување на снимањето на документарецот „Пред и по ’Преживеан’“, како и реализирањето видеозаписи за некои од песните на новиот албум. ДВД-изданието од големиот концерт што се случи на 18 март оваа година и документарецот ќе бидат промовирани во септември.
Албумот „Тони Зен е Суперзен“ се продава по цена од 200 денари. (К.Ш.) |