Исчезнаа 50 млн. евра странски инвестиции
Нивото на странски инвестиции во земјава се стопи од 116,5 на 67,5 млн. евра, објави централната банка
Соња Маџовска
Драматично исчезнаа речиси 50 милиони евра странски инвестиции. Нивото на странски директни инвестиции во земјава за само еден месец се стопи од 116,5 милиони евра во јуни, на 67,5 милиони евра, заклучно со јули. Овој податок се должи на минусот од рекордни 48,7 милиони евра, стои на веб-страницата на Народна банка на Македонија.
Ова значи дека не само што нема нови вложувања туку само растат невратените побарувања и кредитите на странските компании што работат во земјава. Во јуни не влегла ниту една нова инвестиција ниту, пак, инвеститорите во земјава решиле да ја реинвестираат добивката или, пак, да го зголемат капиталот. Во јули драстично се зголемиле и должничко-доверителските односи преку меѓусебни позајмувања со нивните мајки-фирми. Според податоците од централната банка обј��вени вчера, во јули на свеж акционерски капитал и реинвестирана добивка отпаѓаат 6,8 милиони евра, но побарувањата на фирмите се зголемиле за 64,1 милион евра, а обврските за 8,7 милиони евра.
Во седумте месеци од годинава во земјава влегол нов странски капитал во висина од 80 милиони евра, но поради растот на побарувањата што се искачија на 92 милиона евра и обврските на странските компании кон нивните мајки-фирми од 79,5 милиони евра, нивото на вкупните странски инвестиции заклучно со јули изнесува само 67,5 милиони евра.
Овие бројки покажуваат дека 2010 година, дефинитивно, ќе биде најлоша година според влез на странски инвестиции. Во споредба со лани кога во првите седум месеци имаше влез од 112 милиони евра странски инвестиции, годинава за истиот период нивото е пониско за 45 милиони евра.
Минатата година ја завршивме со вкупно 181 милион евра, СДИ, но како што тргнало годинава, нема шанси да се стигне и оваа бројка. Никој веќе не верува во тоа дека инвестициите кај и да е, ќе дојдат и дека од праќањето промотори по светот има некакво фајде. Кај нас, всушност, наместо странските инвестиции, се множат само промоторите и промоциите на компаниите што само покажуваат интерес, но нема конкретна реализација. |