Мислења
Груевски го дуплира долгот
Ден Дончев
Владата на Груевски презеде долг од 2,4 милијарди евра, а на крајот од мандатот долгот, најверојатно, ќе достигне пет милијарди
Се случи тоа што беше јасно поодамна. Владата мораше да тропне на вратите на ММФ за да ја стабилизира економијата на Македонија. Со новата кредитна линија од близу 600 милиони евра, ама и благодарејќи на огромното зголемување на буџетските расходи и фискалната експанзија во претходните четири години, вкупниот надворешен долг на Македонија сега е на рекордно високо ниво. Да се потсетиме. Кога Владата на Никола Груевски го презеде кормилото вкупниот надворешен девизен долг изнесуваше 2,4 милијарди евра. На крајот на јуни 2010 година вкупниот надворешен девизен долг веќе изнесуваше 4,1 милијарда евра. Независно од темпото со кое ќе се повлекуваат средствата од новата кредитна линија од ММФ и од Светска банка веќе станува повеќе од јасно дека при крајот на мандатот на оваа Влада, во средината на јуни 2012 година, вкупниот надворешен девизен долг на Македонија ќе изнесува најмалку пет милијарди евра. Значи, вклучувајќи го и наследениот долг од бившата СФРЈ сите претходни влади во самостојна Република Македонија од 1990 година, па до септември 2006 година ја задолжиле државата за 2,4 милијарди евра. За само шест години Владата на Никола Груевски ќе успее да го дуплира долгот.
Ваквиот исход би значел дека вкупниот девизен долг на Македонија ќе изнесува најмалку 75 отсто од бруто домашното производство (БДП) на државата. Оптимистите во Владата би можеле да посочат дека долг од 75 отсто од БДП и не е толку висок ако се спореди со некои други високо задолжени земји во светот. Па, еве, на нашиот сосед Грција и' беше потребно да се задолжи до ниво од 170 отсто од БДП пред да се соочи со сериозни финансиски проблеми. Но, споредба со која било друга земја е залудна ако не се земат предвид економската структура и политичката околина во која функционира таа земја.
Во случајот на Грција капацитетот на државата да го сервисира својот надворешен долг зависи од два клучни фактора: годишните приходи што ги генерира од туризмот и поддршката што ја добива од ЕУ, каде што Грција е полноправна членка. Во просек, Грција успева да привлече околу 16 милиони туристи годишно. Приходите од туристите претставуваат најмалку 15 отсто од БДП, а во некои подобри години цифрата изнесувала дури и 20 отсто од БДП. Бидејќи Грција има долгогодишна традиција со туризмот, реално може да се проектира дека во догледна иднина таа и натаму ќе привлекува туристи што ќе придонесуваат најмалку со 15 отсто од БДП на државата. Секое зголемување на оваа бројка, која со подобрување на состојбите во глобалната економија станува многу реално, драматично ги зголемува девизните приходи на државата. Тоа, пак, и' овозможува сервисирањето на надворешниот долг. Што се однесува до политичката поддршка на земјата на економски план веќе треба да е јасно за сите дека ЕУ ниту може ниту ќе дозволи една од нејзините земји-членки да се доведе до ситуација да не може да го сервисира својот надворешен долг. Затоа, требаше да биде јасно од самиот почеток на кризата дека Грција ќе добие финансиска помош од ЕУ за да се стабилизира. Тоа и се случи! Се разбира, Грција помина и ќе минува преку големи проблеми и турбуленции на економски план. Но, неминовно е дека таа држава ќе излезе од кризата со можност да ги сервисира своите надворешни долгови.
Од друга страна, пак, треба да сме свесни дека капацитетот на Македонија да го сервисира својот надворешен долг да зависи од единствен фактор: девизните дознаки и трансфери од дијаспората. Во 2003 година вкупните девизни дознаки и трансфери во Македонија изнесуваа 650 милиони евра. Лани таа цифра скокна на 1,1 милијарди евра, а доколку се задржи досегашниот тренд, на крајот од 2010 година вкупните девизни дознаки и трансфери ќе изнесуваат рекордни 1,3 милијарди евра.
Значи, за седум години вкупните девизни дознаки и трансфери во Македонија се дуплирале и ќе изнесуваат околу 20 отсто од БДП на државата за 2010 година. Ова е најголем доказ за очајната економска состојба во која се наоѓа нашата држава. Всушност, во очајна состојба се наоѓаат огромен број поединци и фамилии во државата, кои во се' поголем број се принудени да бараат спас и опстанок надвор од нашата држава. Но, настрана социјалните импликации од ваквиот развој во последните седум години, девизните дознаки и трансфери се клучен фактор за капацитетот на Македонија во иднина да може да го сервисира својот надворешен девизен долг, вклучувајќи ја и каматата на него. Во овој контекст може да се каже дека постои сличност меѓу Македонија и Грција во тоа што околу 20 отсто од БДП на двете држави (а со тоа и капацитетот за сервисирање на долгот) зависи од еден економски фактор: туризмот во Грција и девизните дознаки и трансфери во Македонија.
Како што веќе спомнав, Грција има повеќедецениска традиција на туризам. Приходите што Грција ќе ги генерира по основа на туризам во наредните дваесет години можат да се проектираат со голема математичка веродостојност и прецизност. Од друга страна, пак, значително потешко е да се проектираат девизните приходи за наредните дваесет години по основа на трансфери што ќе пристигнуваат во Македонија. Зашто, семејните врски на генерацијата иселеници што се отселиле од Македонија пред 1990 година ќе станат се' послаби по природен пат. Релациите меѓу втората и третата генерација роднини природно с��ануваат послаби, со што и драстично се намалува подготвеноста да им се испраќаат средства на роднините во матичната земја. Девизните трансфери од иселениците што се иселиле по 1990 година сигурно ќе продолжат уште долги години, но проблемот е дека оваа генерација иселеници реално се' уште ја нема економската моќ на иселениците од пред 1990 година. Тоа значи дека поединечно не може да се очекува поголем износ од оваа група иселеници во наредните десет години, во споредба со иселениците од пред 1990 година. Останува последната категорија, односно оние што испраќаат девизни дознаки и трансфери во Македонија, а тоа се македонските граѓани што секоја година одат на привремена работа надвор од државата. Во отсуство на членство на Македонија во ЕУ (што инаку би овозможило уште поголем број луѓе од Македонија да одат на привремена работа надвор од државата), станува многу тешко да се проектира дека овој компонент од девизните дознаки и трансфери би можел драстично да се зголемува од постојното ниво.
Сето ова значи дека со сегашната економска структура на Македонија, реалниот капацитет за вкупно девизно задолжување на државата изнесува меѓу пет милијарди евра, максимум шест. Владата на Груевски со сигурност ќе успее да ја задолжи државата со над пет милијарди евра до крајот на својот мандат. Потоа, во зависност од приходите од девизните дознаки и трансфери, релативно бргу ќе стигнеме до крајот на подготвеноста на надворешните финансиски институции да ни зајмат пари. Но, за разлика од Грција, ние ја немаме ЕУ да ни излезе во пресрет, ако не дај Боже, ни се случи нешто слично на она што и' се случи на Грција.
(Авторот е економски аналитичар) |