Претседател без советници
Претседателот Иванов без тројца клучни советници: никој не го советува за политика, безбедност и медиуми
Соња Крамарска
Денес, кога македонскиот претседател Ѓорге Иванов ќе се сретне во Белград со српскиот колега Борис Тадиќ, прашањето што според овдешната јавност треба да биде во фокусот на разговорите се досиејата на поранешната југословенска тајна служба. Но, Иванов можеби смета дека на зовриената политичка атмосфера во Скопје моментно не и' одговара и тој да се вмеша во замрсеното клопче на лустрацијата. Или дури можеби стравува дека ќе биде обвинет за заземање страна во препукувањата меѓу ДУИ и ДПА, па ќе реши да стои настрана.
Па, како да се позиционира Иванов околу проблемот со лустрацијата? Да разговара со Тадиќ за досиејата или да го праша како ги донесе одлуките околу Косово? За жал, нашиот претседател не ќе може овие дилеми да му ги постави на својот политички советник на редовниот утрински колегиум, затоа што Иванов нема политички советник. Има советници за надворешна политика и за меѓунационални односи, има и тројца шефови на Кабинет (еден главен и двајца заменици), но нема советници за внатрешна политика, за безбедност и за медиуми.
Советниците на претседателот ги извршуваат најсложените аналитички, советодавни и други работи што се однесуваат на државното уредување, изградбата и на функционирањето на политичкиот систем, одбраната и безбедноста, политичките односи и односите со бизнис-заедницата и меѓународната комуникација.
Но, во Македонија штедењето најмногу е насочено кон политичките советници. Во почетокот од својот претседателски мандат Иванов постави советник за медиуми, новинарката Елизабета Галевска, меѓутоа по нејзиното тивко доаѓање и заминување од претседателскиот Кабинет, местото остана празно. Само по неколкумесечно служење на претседателот, од Кабинетот на Иванов замина и неговиот близок соработник и поддржувач Љубен Тевдоски, кој на предлог на Груевски го зазеде амбасадорското место во Канада.
Во претседателскиот Кабинет не се задржа долго уште еден соработник и поддржувач на Иванов: Дарко Ангелов, кој набргу по влегувањето во резиденцијата на Водно, доби прекоманда од Владата да биде амбасадор во Будимпешта.
Иванов остана само со неколкумина соработници во претседателскиот тим. Шефот на неговиот Кабинет, Борис Јосифовски, со двајцата заменици - Љубен Арнаудовски, задолжен за правните и за финансиските работи и Иле Масалковски, надлежен за организациските и за протоколарните прашања. Класични претседателски советници се само Љуљета Ќуфлију за меѓунационални односи и Дарко Костадиновски за надворешна политика, кој претходно им служеше како помошник-советник на Борис Трајковски и на Бранко Црвенковски. Аѓутантот на претседателот Иванов, Горан Котески, пак, е истовремено и советник за воени прашања.
Иванов нема советници за внатрешна политика иако политичката сцена во Македонија е зовриена повеќе од кога било, а тој како претседател е на удар на политичките партии од опозицијата. Нема ниту советник за односи со медиумите иако трпи критики и од медиумската заедница што е поделена меѓу власта и опозицијата. Иванов не постави ниту советник за безбедност иако безбедноста е една од неговите уставни надлежности.
Иванов, како и Груевски и некои други претходни премиери, во својот поширок тим ангажирал странски личности, иако упатените велат дека е нејасно како тие ја вршат својата улога кога со години не се видени во Скопје.
Германскиот новинар и експерт по комуникации Волфганг Шток се најде на листата на членови на Советот за меѓународни односи на македонскиот претседател. Шток, инаку познат и како политички биограф на Ангела Меркел, во 2007 година го напиша есејот „Трагедијата на премиерството на Ангела Меркел“, во кој искажа отворено сомневање кон нејзините потенцијали да одигра клучна улога во реформите во Германија.
Минатата година, пак, со неговата анализа „Дали ЦДУ е се' уште партија на иднината“ прогнозираше недостиг на капацитет во партијата на Меркел да одговори на предизвиците со кои се соочи Германија.
Извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од Шток се очекува да лобира за Македонија, но истовремено искажуваат сомневање за тоа колку е тој етаблиран на политичката и на општествената сцена во Германија, и какви ми се вистинските односи со ЦДУ од која ВМРО-ДПМНЕ постојано очекува помош, но таа никако да дојде.
Износот на претседателскиот буџет во Македонија е разочарувачки. Не изнесува ниту еден милион евра (околу 56 милиони денари при последниот ребаланс на буџетот), или е приближен на буџетот што го има Јавното правобранителство. Во споредба со парламентот, кој има десет пати поголем буџет од претседателот, и Владата, која троши петнаесет пати повеќе од претседателот, излегува дека највисоката функција во државата едвај преживува. И тоа не само политички, туку и финансиски. Олеснителна околност е што Иванов денеска ќе му биде гостин на Тадиќ. Барем не ќе мора да го чести. |