Брижит Бардо
Кандидатура за претседател на Франција
Француската дива Брижит Бардо планира да се кандидира за претседател на Франција. Актерската икона од шеесеттите, по филмската кариера, се активираше во кампањата за заштита на правата на животните, па Економската партија ја замоли да ги претставува на претседателските избори во 2012 година. Партијата се бори за заштита на животните и остро ги осудува ритуалното колење за подготовка на традиционални халал-оброци (свинско месо и алкохол строго се забранети во подготовката на халал јадењата и месото во нив мора да биде од животни заклани според исламски прописи и стандарди). Оваа 76-годишна ѕвезда, која се повлече од филмскиот свет во 1970-тите години, сака да протурка ново законско решение за ритуалното колење. Во писмото до претседателот Саркози луто објаснува дека нивниот глас мора да се чуе, бидејќи ниту левицата ниту десницата не се грижи за заштита на животните.
„Саркози ми даде ветување кое не го исполни и веројатно мисли дека сум имбецил“, откри Бардо во неодамнешното интервју. Претставникот на Партијата на зелените, Антуан Вештер, ја поддржува нејзината кандидатура.
„Сметаме дека таа е личноста што најдобро ќе не' претставува во трката за претседателското место. Доколку се согласи, конечната одлука ќе ја донесеме идната година“.
Додека во политичката сфера прави пресметки и стратегии, дивата се бори и на друг, филмски фронт. Имено, моментно се обидува да го спречи режисерот Кајли Њуман да ја екранизира нејзината биографија. „Филм за мојот живот? Па тоа е смешно, никој не би можел толку верно да ме одглуми“, се пошегува Бардо. |