И нашите градежници сакаат дел од патиштата
На тендерот за давање под концесија има најмалку две македонски градежни фирми
Билјана Ангеловска
Има домашни фирми што учествуваат на тендерот за давање под концесија на патиштата во Македонија. Неофицијално се зборува дека најмалку две градежни компании се дел од конзорциумите што се пријавиле на јавниот повик за учество во постапката за доделување концесија. Конзорциумите, нормално, ги водат познати имиња на реномирани странски компании, како што се „Алпине“ и „Штрабак“, а кои имаат доволно голема финансиска и техничка моќ да спроведат концесија од ваков обем.
Каква ќе биде улогата на домашните фирми, дали тие рамноправно ќе учествуваат во поделбата на колачот од стопанисувањето со патиштата или само ќе бидат искористени во фазата на изградбата, е работа на меѓусебниот договор со „посилниот“. Но, очигледно е дека секој си нашол сопствена математика во дилот со државата вреден над една милијарда евра. Особено што во ��акетот обврски што ќе ги има концесионерот, спаѓа и наплатата на патарините, од каде што, колку и да е мал интензитетот на сообраќај на македонските патишта, сепак, може да се инкасираат релативно солидни средства.
Колку и кои фирми ќе се борат да ја земат работата околу изградбата, реконструкцијата, одржувањето, наплатата на патарините и користењето на дел од државните патишта, останува да се види по еден месец, доколку повторно не дојде до ново пролонгирање на зацртаниот рок. Но, речиси е сигурно дека изградбата на автопатиштата нема да стартува до лето, како што најави премиерот Груевски пред неколку месеци. Прогнозата нема да се оствари, бидејќи се' уште е далеку крајот на тендерската постапка, која заедно со фазата на претквалификација на фирмите се продолжува веќе шести пат. Кои се причините поради кои државата никако не го завршува тендерот? Дали Министерството за транспорт и врски се соочува со проблеми во подготовка на тендерската документација, или нешто друго е во прашање?
„Рокот за избор на способни кандидати за квалификација во втората фаза се пролонгира за да може комисијата да заврши со потребната анализа на податоците на понудувачите“, велат во Министерството за транспорт, отфрлајќи секакви шпекулации за евентуални местенки на тендерот.
Јавниот повик за доставување барања за учество во постапката беше распишан на 12 декември 2009 година. Иако првично се потенцираше дека на повикот, кој патем, беше три пати продолжуван, има огромен број заинтересирани (се зборуваше за бројка од 48 компании), се испостави дека само осум компании сериозно размислуваат да се зафатат со изградба на автопатишта. Барањата за учество во постапката за доделување концесија беа отворени на 20 мај. Потоа, наместо изборот на фирмите кои се квалификувале за втората фаза од постапката да се направи во јули, тоа беше пролонгирано за октомври, за деновиве, пак, да се случи уште едно одложување. Последниот рок сега е 15 ноември оваа година. Неофицијално се зборува дека од осумте компании, само четири ги исполнуваат строгите критериуми.
Како што е познато, државата објави повик за издавање под концесија на дел од своите патишта поделени во два пакета. Првиот пакет, или Источната концесија во должина од 177,5 километри и со вредност од 434 милиони евра, ги опфаќа патните правци Крива Паланка - Романовце, Кочани - Штип, Миладиновци - Штип, обиколницата на Скопје и постоечката делница Миладиновци - Скопје. Во вториот пакет, односно, Западна концесија, со вкупна должина од 196 километри, се правците Стенковец - Блаце, Гостивар - Ќафасан, Требеништа - Охрид и Подмоље - Струга. Вредноста на овој пакет е проценета на 558 милиони евра.
Концесијата се доделува во времетраење од 35 години, а концесионерот ќе треба за 8 години да ги изгради патните правци. Државата останува сопственик на патиштата и во текот на траењето на концесијата, а концесионерот изградбата и реконструкцијата на објектите ќе ги врши во име и за сметка на државата. Експертската анализа на проектот што го правеше француската консултантска куќа „Луј Берже“ покажала дека Владата ќе треба да им плати околу 200 милиони евра субвенции во првите години на идните концесионери, а според пресметките, идните концесионери за 35 години ќе остварат нето-заработка од 2,3 милијарди евра. |