Поглед
Сите на и-беј
Мирче Јовановски
Македонците идната година би можеле да имаат уште една дополнителна занимација - да продаваат и да купуваат преку најпозната аукциска куќа на Интернет, популарниот и-беј. Се разбира, доколку овој пат се остварат најавите дека земјата, конечно, ќе биде вклучена во системот на плаќање преку Интернет, пејпал. Иако од Владата засега нема никакви најави за прес-конференции со кои би се прославил успехот, се чини работите овој пат се одминати. Барем ако се суди според она што може да се прочита на интернет-страниците на повеќе медиуми во соседството, каде што ставањето на листата на „подобни“ би било во пакет. Приемот во пејпал сега со нетрпение го очекуваат Македонија, Србија и Црна Гора.
Циниците уште сега коментираат - само да не не' снајде судбината на колективно приклучување во некои други организации, потсетувајќи на нам добро познатата парола „во јато кон НАТО“.
Интересно е што овој пат информацијата за придружувањето кон пејпал не стигна ниту од министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, кој, ако не' служи добро памтењето, уште во 2008 година фаќаше врски преку нашата дијаспора да ургира кај првиот човек на пејпал да ја прими Македонија во неговото јато.
Очигледно, во системите на интернет-трговијата, барем оние што држат до сигурноста на трансакциите, не помагаат ургенции, туку сериозни законски и други предуслови, за некоја земја да биде во одбраното друштво. А, тоа што Македонија (заедно со Србија и Црна Гора) остана на опашката за примена на најпознатиот (и според многумина најсигурниот) систем на плаќање преку Интернет, зборува многу. За потсетување, пејпал веќе се применува во Албанија, Босна, но и во Гамбија, Сомалија, Казахстан, Киргистан, Туркменистан... Коментар не е потребен.
|