Настани
КОНЦЕРТ... Членовите на скопскиот бенд „Бернејс пропаганда“ („Bernays Propaganda“), по двете европски турнеи годинава, на 26 ноември во клубот „Колосеум“ ќе го имаат својот 200. настап, и тоа како дел од загревањето за 12. издание на фестивалот „Таксират“, што ќе се одржи оваа година на 4 декември. Групата е оригинална и респектирана њу вејв/постпанк појава на музичката сцена што во своето досегашно тригодишно постоење има реализирано два албума, а зад себе има четири европски турнеи и голем број балкански клупски и фестивалски настапи.
ФЕСТИВАЛ... Фестивалот „Таксират“ е номиниран во уште две категории за овогодишната награда „Фестивал авордс“. Независната компанија „Фестивал авордс лтд.“, заедно со европската фестивалска асоцијација „Јуроп“ веќе традиционално секоја година доделува фестивалски награди во 15 категории. „Таксират“ е во номинација за „Бест индор фестивал“, како и „Бест смол фестивал“. Фановите можат да гласаат на официјалната веб-страница на Фестивал авордс – www.eu.festivalawards.com, а победниците ќе бидат прогласени на 12 јануари 2011 година на гала-церемонијата во Гронинген, Холандија.
ПРОМОЦИЈА... Во клубот „Колосеум“ вчеравечер беше промовиран видеозаписот на РиБ дуото ДНК за темата „Џамп“ што се наоѓа на нивниот албум „Кажано е се'“. Спотот е снимен во студиото на „Томато продукција“ , а во него, освен Панчо и Андреј, се појавуваат и две девојки и две автомобилски атракции што ретко ги гледаме на градските улици, „доџ вајпер“ и „бентли“. Видеозаписот е снимен со најмодерна технологија, а го работеше „Томато продукција“. |