ЛЕСЛИ НИЛСЕН
Замина уште еден крал н�� комедијата
Славниот канадско-американски актер Лесли Нилсен, познат по своите улоги во комедиите како што се „Гол пиштол“ или „Има ли пилот во авионот“, почина во неделата во 84. година од животот.
Нилсен последните денови од животот ги минал во својот дом покрај Форт Лодердејл, на Флорида, каде што починал од последици од компликации на воспаление на белите дробови. Со тешката болест се борел некое време, а во последните две седмици бил и хоспитализиран. Неговиот агент изјавил дека починал „опкружен со семејството и пријателите“.
Лесли Нилсен е роден во Канада на 11 февруари 1926 година, а својата актерска кариера ја започнал во 50-тите години на минатиот век. Се прославил со многубројни телевизиски и кино-филмови, како што се „Се' што сакам за Божик“, „Дракула: мртов и вљубен“, „Мистер Магу“... Во својата кариера играл во повеќе од 100 филма, а учествувал во околу 1.500 телевизиски програми. Четири пати бил во брак, од кои добил две ќерки. |