21.07.2011, 15:37 И Штип ќе наплаќа за паркирање

Над реката Отиња ќе се градат пет платформи со 150 паркинг-места
Иван Бојаџиски
Штип – Локалната штипска власт на големо се подготвува во централното градско подрачје да обезбеди 700 паркинг-места, кои ќе се наплатуваат. Проба ќе биде направена на 1 септември кога секој што ќе посака да си го паркира своето возило на главната трговска улица „Ванчо Прќе“, ќе мора да плати за тоа. За првиот час од паркирањето ќе се наплатува 25 денари, а за секој нареден час 20 денари. Жителите на оваа култна улица добиваат можност за месечен билет што ќе ги чини 200 денари, а оние што ќе земат дневна карта ќе треба да платат 80 денари.
Последните два месеца дупчачки машини го испитуваа составот на земјиштето во коритото на реката Отиња на локациите на кои ќе се градат пет платформи, а на кои ќе има вкупно 150 паркинг-места. Оваа работа на тендер ја доби Градежниот институт од Скопје, кој веќе си ги „собра“ машините и кој има обврска за десет дена на Општина Штип да и' го достави елаборататот.
„Откако ќе го добиеме елаборатот, ќе распишеме меѓународен јавен тендер за уредување на кејот на коритото на реката Отиња од двете страни. Наша идеја е да фатиме дел од актуелната градежна сезона, а работите на комплетното уредување на коритото на Отиња да ги завршиме идната пролет кога центарот на Штип ќе добие комплетно нов, современ изглед“, вели Александар Aрсовски, координатор на проектот за просторно уредување на централното градско подрачје.
Покрај петте платформи на Отиња, проектот опфаќа и нов градски плоштад, уредување на коритото на реката, цветни патеки во самото речно корито од двете негови страни, кои штипјани ќе можат да ги користат за безбедни прошетки во еден нов и убав амбиент.
„За градскиот плоштад веќе имаме архитектонско решение, а наскоро ќе распишеме домашен тендер и за изведувач на работите. Вкупна инвестиција е 400.000 евра. За уредувањето на кејот ќе распишеме меѓународен тендер на што не' обврзува сумата од 1,6 милиони евра што ќе бидат потрошени на оваа работа. За реализација на целиот проект за уредување на централното градско подрачје, општината доби поволен заем од Светската банка во висина од два милиона евра. Претставниците на банката беа многу задоволни од проектот и се уверија дека општината ќе може да го враќа од парите што ќе ги прибира од наплатата за паркирањето“, вели Арсовски.
Со изградбата на петте платформи, општинските планери отвораат паркинг-места во самото срце на градот. Оцена е дека со едно вакво решение ќе се избегне сообраќајниот хаос во центарот на Штип, посебно на улиците од двете страни на реката Отиња. Останува прашањето како на сево ова ќе реагираат граѓаните.
Координаторот на проектор, Арсовски, вели дека овој проект се користи и за да се провери стабилноста на петте моста на Отиња. Засега е сигурно дека ќе биде реновиран и зајакнат мостот кај гимназијата „Славчо Стојменски“, а за другите четири моста допрва ќе се вршат испитувања на нивната стабилност, па ако има потреба, и тие ќе бидат реновирани и зајакнати. Според планерите на градот, на Отиња во идните десет години треба да се изградат уште најмалку пет моста.
|