12.10.2012, 18:32 „Топлификација“ ќе грее од понеделник
Грејната сезона почнува со многу проблеми и револт кај корисниците
Сања Наумовска
Топли домови не' очекуваат од понеделник. „Топлификација“ започнува да грее на првиот ден од официјалната сезона на затоплување.
Скопјани ќе имаат потопли домови, а енергијата ќе им ја дистрибуира истата компанија како и досега. Грејната сезона годинава почнува со многу проблем и револт кај корисниците поради високите цени за парно греење, неизвесноста по колку ќе плаќаат оние што се исклучени од системот, и дали „Топлификација“ ќе остане во бизнисот со топлинска енергија.
Од понеделник, сите не ќе можат да уживаат во топлината на радијаторите. И годинава голем број објекти на стартот на грејната сезона ќе останат надвор од системот. Во моментов на веб-страницата на „Топлификација“ се регистрирани 260 згради со дефекти, а во компанијата очекуваат бројот со почетокот на грејната сезона и понатаму да се зголемува.
Кај најголем дел од објектите се регистрирани дефекти во внатрешните инсталации кои треба граѓаните да ги пријават и да ги отстранат. Од „Топлификација“ информираат дека во една зграда и само еден стан да има проблем, може да биде причина сите останати да останат без затоплување. Кај дел од корисниците на топлинска енергија сезоната ќе задоцни и поради неплатени сметки за струја, поради што потстаниците им се исклучени од системот на ЕВН, а кај дел и поради непристапност до нив.
„Граѓаните треба навремено да ги отстранат дефектите за да може сезоната да започне кај сите во ист ден. Заради тоа и ладната проба во радијаторите се прави две недели пред стартот на затоплувањето, за полесно да се лоцираат сите проблематични точки“, вели Христо Кировски, директор на Топлана-Исток.
Сите корисници, кои од понеделник нема да имаат топлина дома се информирани и преку веб-страницата на компанијата, но и писмено, на огласните табли во зградите. Според Александра Мароевиќ, директор на „Дистрибуција на топлина“, приоритет при отстранувањето на дефектите ќе добијат оние кои први ќе се јават.
„Имаме на располагање 48 извршители, кои веројатно е дека нема да можат да постигнат да ги санираат сите дефекти во еден ден. Позната ни е навиката да се чека до последен момент за да се пријави проблемот, па затоа ги повикуваме граѓаните да се јават веднаш, за да бидат поскоро услужени“, објаснува Мароевиќ.
Нема заинтересирани за бизнисот на „Топлификација“
Денеска истекува рокот за пријавување компании кои се заинтересирани да произведуваат топлинска енергија. До вчера ниту една фирма немаше доставено документација до Регулаторната комисија за енергетика, која распиша јавен повик на почетокот на месецов. Од таму очекуваат дека компаниите кои ги исполнуваат условите ќе се јават до истекот на временскиот рок. Доколку нема заинтересирани, ќе се објави нов јавен повик.
Иако, се' уште официјално немаа поднесено пријава, вчера од „Топлификација“ потврдија дека нивната фирма „Производство на топлина“ ќе учествува на повикот.
Во меѓувреме, без разлика на исходот од повикот, информираат од Регулаторна, грејната сезона ќе започне, како и секоја есен.
„Снабдувањето со топлинска енергија продолжува во континуитет, тоа е императив за нас“, вели Славко Бундалевски од Регулаторната комисија.
Според условите, можност да се јават на повикот на Регулаторната имаат компаниите кои поседуваат капацитети за производство на топлинска енергија кои можат да ги задоволат потребите на не помалку од две третини од вкупно приклучените потрошувачи. Лиценцата се издава за следните 35 години. Неа досега ја поседуваат само трите топлани на „Топлификација“. Сепак, од компанијата велат дека доколку има нова компанија, која е заинтересирана и ги исполнува условите за производство на топлинска енергија, постои можност да се повлечат од бизнисот.
Како една од компаниите која ги исполнува бараните услови во јавноста се споменуваше и новата гасна централа ТЕ-ТО, како можен наследник на „Топлификација“ во производството на топлинска енергија. И минатата година се објавуваа повици на кои не се јави ниту една заинтересирана фирма. (С.Н.)
Од ноември сметки и за исклучените
Граѓаните кои се исклучија од системот за затоплување од идниот месец ќе почнат да добиваат сметки. Иако не ги користат услугите на „Топлификација“, поради тоа што нивните соседи се греат на парно и исклучените ќе плаќаат по 10 денари за еден квадрат. Оваа одлука, која е дел од новиот Правилник за топлинска енергија, кој летово го донесе Регулаторната комисија за енергетика, предизвика многу реакции и негодување кај јавноста. За делови од Правилникот се очекува да расправа и Уставниот суд.
Сепак, без разлика на исходот, во „Топлификација“ не се откажуваат од испорачување на сметките за октомври на исклучените граѓани.
„Одлуката е правосилна и објавена во ’Службен весник‘“, коментираат од компанијата. Сепак, нагласуваат дека доколку Уставниот суд пресече поинаку, ќе ја почитуваат неговата одлука. Дали тоа ќе значи и дека ќе им ги враќаат парите на оние кои во меѓувреме ќе ги платат овие сметки, од „Топлификација“ не одговараат.
Граѓаните, пак, кои одлучиле веќе да не ги користат услугите на „Топлификација“ и избрале нов начин на затоплување на своите домови, веруваат дека одлуката ќе биде укината и дека нема да мораат да имаат дополнителен трошок за услуга која не ја добиваат.
„Воопшто и не размислувам да ја платам таа сметка. Со нетрпение дочекав да заврши грејната сезона и да можам да се откажам од услугите на ’Топлификација’ од кои воопшто не бев задоволен, а морав да ги плаќам. Сега, кога сум надвор од системот, немам намера да давам пари за нешто што не го користам. Топлификација треба да си најде решение за цевките кои поминуваат низ нашите станови, тоа не е мој проблем“, вели Горан Стојанов, жител на Кисела Вода.
Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, велат дека доколку Правилникот падне на Уставен суд, тоа ќе биде лоша вест за клиентите на „Топлификација“. Веројатно е дека нивните сметки ќе пораснат, за да се надоместат трошоците за енергијата која ќе се троши во становите кои не се затоплуваат. (С.Н.) |