Атина го прифати „тешкото“
Нацрт-законот за спас на земјата беше усвоен со 172 спрема 121 глас
АТИНА - Грчките законодавци во четвртокот усвоија клучен нацрт-закон за штедење, потребен за да се поддржат заемите за спас од 110 милијарди евра од другите земји-членки на еврозоната и од Меѓународниот монетарен фонд, додека голем број луѓе се собраа пред парламентот за да протестираат поради мерките. Нацрт-законот беше усвоен со 172 спрема 121 глас.
Грците се лути поради мерките со кои се намалуваат платите и пензиите за државните службеници, а се зголемуваат даноците за потрошувачите. Гневот се прелеа во средата кога големите демонстрации за време на националниот генерален штрајк, станаа насилнички. Три лица загинаа, бидејќи беа заглавени во банка запалена од демонстрантите. Во четвртокот десетици илјади луѓе демонстрираа против нацрт-законот за штедење и во знак на протест поради жртвите, соопшти полицијата.
Во парламентот, на драматичната седница на која и' претходеше вжештена дебата, премиерот Јоргос Папандреу исклучи тројца од неговите пратеници, кои се воздржаа и не гласаа за нацрт-законот за штедење. Тој ги исклучи од парламентарната група на неговата Социјалистичка партија. Со тој потег премиерот има 157 пратеници во 300-члениот парламент, што се' уште е убедливо мнозинство.
Конзервативниот лидер на опозицијата, Андонис Самарас, го следеше примерот, исклучувајќи ја поранешната министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, која истапи од партиските редови и гласаше за нацрт-законот. Главната опозициска партија сега има само 90 места.
Папандреу и неговиот министер за финансии инсистираа дека мерките за штедење и пакетот за спас се единствената надеж за земјата да избегне банкротство. „Денес работите се едноставни. Или гласаме и го спроведуваме договорот или ја осудуваме Грција на банкротство“, изјави Папандреу пред гласањето. „Некои луѓе го сакаат тоа и шпекулираат со тоа, и се надеваат дека ќе се случи тоа “, рече тој, мислејќи на шпекулативните напади што се посочуваат како причина за зголемување на трошоците за зајмување на Грција на неодржливо ниво. „Ние, јас, нема да го дозволиме тоа. Нема да дозволиме шпекулации против нашата земја и да се случи банкротство“.
Заемите за спас се со цел да се прекине должничката криза и да се спречи ширење на грчките проблеми во други земји со чувствителни државни финансии, како што се Португалија и Шпанија. Парите ќе бидат обезбедени од Меѓународниот монетарен фонд и 15 други влади, чии земји го користат еврото.
Стравувањата за неисплаќање од страна на Грција ја намалија вредноста на еврото, и иако сегаш��иот пакет мерки треба да ја спаси Грција од непосредно банкротство, нејзините долгорочни изгледи не се јасни. Изгледите за развој се слаби, а подготвеноста на населението да ги прифати намалувањата може да опадне, што можеби ќе наведе некои економисти да предвидат евентуално реструктуирање на долгот со текот на времето.
Министерот за финансии, Јоргос Папаконстантину, изјави дека владата нема друг избор освен да воведе мерки за штедење, кои поминаа во парламентот како итен закон, бидејќи државата има две недели до рокот, а обврзниците во вредност од 8,5 милијарди евра доспеваат на 19 мај.
„Државните куфери немаат толку пари“, рече Папаконстантину. „Бидејќи денес државата не може да зајмува од меѓународниот пазар. И бидејќи единствениот начин земјата да избегне банкротство и одложување на плаќањето е да ги искористи парите од нашите европски партнери и од Меѓународниот монетарен фонд“.
Меѓутоа, со цел да ги добие средствата, Грција мора да се согласи со тригодишна програма за штедење. „Бараме заеми од земји, кои, исто така, имаат дефицити и од земји, кои, исто така, се предмет на шпекулативни напади. За да ги добиеме, мора да ги убедиме дека воведуваме ред во нашиот дом“, рече Папаконстантину.
Но, опозицијата ја нападна владата за воведувањето мерки што се премногу строги за да ги издржи населението. „Дозата на лекот што го давате е со ризик да го убие пациентот“, рече Самарас. „Знаете дека тие мерки предизвикаа социјална експлозија. Граѓаните на оваа земја треба да веруваат дека има излез, бидејќи оној што ги намалува пензиите од 700 евра не може да убеди некој друг“. (Асошиетед прес)
|