Кој не сака да оди во Москва
Претседателот на Молдавија го скандализира 9 Мај како Ден на победата
КИШИНЕВ - Привремениот претседател на Молдавија, Михај Гимпу, ги покажа своите политички заби за военото присуство на Русија во својата земја и го вознемири Кремљ со најавата дека нема да учествува на традиционалната воена парада на Црвениот плоштад во Москва. Со богатата парада, што треба да се одржи на 9 мај, ќе биде одбележана 65-годишнината од поразот на нацистичка Германија.
За да го прослави настанот, познат како Ден на победата, Русија прв пат покани странски воени сили, меѓу кои и претставници на американската и британската војска. Тие треба да маршираат заедно со руските војници на парадата.
Со изненадувачки потег, претседателот на Молдавија најави дека нема да присуствува на церемонијата, иако ќе биде во Москва еден ден претходно, за самитот на Заедницата на независни држави (ЗНД). „Не припаѓаме таму“, се изјасни Гимпу за настаните на 9 мај. „Како може да учествувам на парада веднаш до армијата што ни го донесе комунизмот, што предизвика глад за нас и не депортираше во Сибир?“
Соопштението од малата држава Молдавија предизвика брза реакција од нејзиниот голем сосед. Иако изненадувачки, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, го насочи неговото неповолно мислење кон Романија наместо кон Гимпу.
„Букурешт се обидува да формира став на Молдавија спрема Русија“, смета Лавров. „Ние ја признаваме Молдавија како суверена независна држава. Но, не го направија тоа сите соседни земји на Молдавија. Нивните западни соседи одбиваат да ги гледаат Молдавците како нација. Ако бев на местото на Гимпу, ќе бев загрижен токму за тоа прашање“, истакна Лавров.
Меѓутоа, Гимпу продолжува со политичка офанзива. „Романија не е земја која задржува војска на територијата на Молдавија“, возврати тој, мислејќи на 18-годишното присуство на руската војска во Приднестровие, сепаратистички регион на Молдавија.
Во интервју за рускиот дневен весник „Комерсант“, објавено во средата, Гимпу повторува дека нема да оди на парадата. Тој бара Москва да ги повлече нејзините единици од Приднестровие и да престане да го заштитува сепаратистичкиот локален лидер Игор Смирнов.
Молдавија има долга и комплексна историја и со Романија и со Русија. Таа беше дел од Романија до 1940 година, кога беше окупирана од советски трупи. Романија прва ја призна независноста на Молдавија во 1991 година, но одби да потпише граничен договор со неа.
Гимпу е претпазлив спрема Москва додека ја извршува функцијата привремен претседател, а неговото пријателство кон Букурешт е доб��о познато. Тој вели дека јазикот на неговата држава е романски - наместо фиктивниот молдавски, што беше воздигнуван во официјален статус повеќе од половина век од страна на комунистичките владетели. (ВАЦ, ЕУ обсервер) |