07.05.2010, 17:39 Браун привремено се враќа на Даунинг стрит 10
Конзервативците на Камерон освоија најмногу пратенички места, но немаат мнозинство во парламентот
ЛОНДОН - Британската Конзервативна партија на Дејвид Камерон освои најмногу пратенички места на парламентарните избори во Велика Британија, поразувајќи ги лабуристите на премиерот Гордон Браун и либералдемократите на Ник Клег, но ториевците не успеаја да освојат апсолутно мнозинство во Долниот дом на парламентот за да може сами да формираат нова влада.
За апсолутно мнозинство беа потребни барем 326 пратенички места во Долниот дом со 650 пратеници, а ториевците најмногу на што може да се надеваат по пребројувањето на гласовите е да имаат само дваесетина места помалку. Тоа создава ситуација идентична со онаа во 1974 година, кога последен пат во земјата имало парламент без мнозинство од ниту една партија, што налага партиите да прават коалиции или земјата да се води со малцинска влада. Ториевците ги поразија лабуристите освојувајќи повеќе од 36 отсто од гласовите, што е нивен прв пораз на парламентарни избори по13 години откако се на власт. Нивниот лидер Кемерон изјави дека резултатите од гласањето покажуваат оти лабуристичката влада го изгубила мандатот да управува со земјата, но со новиот распоред на силите во Долниот дом, според кој, никој го нема потребното мнозинство, Браун останува премиер на земјата, се' додека на реши да поднесе оставка.
Тој се врати во Даунинг стрит 10 со членовите на својот кабинет и подоцна соопшти дека во согласност со Уставот на земјата тој останува на функцијата, додека партиите не се спогодат кој ќе ја формира идната британска влада. Се очекуваше попладнево да поднесе оставка врз „морална основа“, затоа што тој и неговата партија претрпеа пораз на изборите, но Браун во својата изјава за британската јавност, зборувајќи во улога на премиер, воопшто не зборуваше за таква можност. Пред влезот на седиштето на владата тој рече дека ќе ги чека ториевците и либералдемократите да се спогодат за можна коалиција или за соработка во парламентот при гласањето. Браун уште и рече дека ако овие две партии не успеат да најдат заеднички јазик, тој ќе ги повика либералдемократите на разговор со лабуристите, согласувајќи се со потребата од реформирање на изборниот систем.
Реакцијата на Браун покажува дека, по се' изгледа, ќе потрае сегашната нејасна политичка ситуација во земјата, што лабуристичките политички функционери ја опишуваат како „нерешен исход“ во изборите, затоа што практично никој не победил. Според британскиот изборен систем, при немнозински парламент како сега, мандатот за правење влада прва не го добива партијата со најмногу пратенички места, туку онаа што дотогаш била на власт, во овој случај Лабуристичката партија. Функционери на лабуристите уште веднаш почнаа да им нудат на либералдемократите можност за правење коалиција врз „прогресивна основа“, што конзервативците го нарекоа „сојуз на поразени партии“. Ник Клег уште додека траеше броењето на изборните резултати, јавно ги повика ториевците да соработуваат заедно во новиот парламент, ставајќи го како најважно прашањето за измена на изборниот систем. Лидерот на либералдемократите рече дека останува на своето поранешно решение за соработка со онаа партија што ќе има најмногу места во Долниот дом, а тоа сега се ториевците и тие имаат право да ја предводат новата британска влада.
Можноста за правење постизборна соработка или владина коалиција со либералдемократите најави и лидерот на ториевците, Камерон, кој во своето обраќање до Британците прифати дека сегашната ситуација налага формирање коалиции, набројувајќи ги притоа и основите на кои ќе разговара со Клег. Лидерот на конзервативците, меѓутоа, не ја исклучи и ситуацијата да управува со земјата со малцинска влада.
Засега не се знае колку ќе траат преговорите, но додека тој процес се добива и мора да заврши до крајот на мај и обраќањето на кралицата пред новиот парламент, владата на Браун ќе функционира како техничка. Во 1974 година, поразениот премиер Едвард Хит, лидер на ториевците, кој имаше само четири пратенички места помалку од победничките лабуристи, се обиде да најде партнер за коалиција, но не успеа во тоа и по четири дена поднесе оставка. Во сегашната ситуација, разговорите ги отворија либералдемократите на Клег, затоа што претходно најавија дека ќе преговараат со победникот на изборите.
Од околу 44 милиони гласачи на изборите гласале 65 отсто од луѓето, што е подобро за четири отсто од изборите во 2005 година. Лабуристите претрпеа еден од потешките порази во својата историја, а како жртви се најдоа и двајцата поранешни министри за внатрешни работи, Џаки Смит и Чарлс Кларк, кои ги изгубија своите пратенички места, поразени од ториевците, а повеќе не се пратеници и десетина заменици и помошници на министри од редовите на лабуристите. Меѓу поголемите изненадувања е поразот на премиерот на Северна Ирска, Питер Робинсон, кој во Белфаст го изгуби своето пратеничко место во Весминстер. Засега никој не зборува за тоа што ќе се случува во Лабуристичката партија доколку Камерон и Клег се договорат за влада, по што Браун ќе мора да поднесе оставка. Според „Гардијан“, најголем виновник за сегашната ситуација во која се наоѓаат лабуристите и за нивниот пораз на изборите е Гордон Браун, па затоа „неговиот пад е неминовен“.
Политичкиот вакуум што се создаде, како и парламентот во кој нема апсолутно мнозинство за ниту една партија, предизвика пад на вредноста на фунтата во однос на доларот и на еврото.
|