21.02.2012, 17:54 Валандово се збогува со студентката што почина во САД
Со тага во срцето и солзи во очите, валандовчани велат дека била прекрасна девојка, полна со живот и енергија
Валандово – Валандовчани вчера се збогуваа со 21-годишната студентка Ирена Накова, која беше погребана на гробиштата во родниот град. Нејзиното тело завчера беше донесено во Валандово, десет дена откако таа ненајдено почина во Чикаго, САД.
Голем број жители на Валандово, нејзините најблиски и роднини вчера во 14 часот се простија од нивната Ирена. Со тага во срцето и солзи во очите, велат дека била прекрасна девојка, полна со живот и енергија.
Накова беше студентка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. За да ги оствари своите желби за подобар живот, лани во мај заедно со своето момче заминала во САД преку програмата за студентска размена. Иако нејзините колеги се вратиле уште есента во земјава, таа одлучила да остане во САД, за што и' била продолжена и визата за престој и работа.
Таму младата валандовчанка планирала заеднички живот со нејзиното момче, со кое била веќе неколку години. Неговата мајка за „Утрински весник“ раскажуваше дека тие сакаат да формираат семејство и да останат во Америка.
Безживотното тело на Ирена во станот каде што живеела во Чикаго го пронајде нејзиното момче Томе, откако таа не се јавувала на повиците на телефон. Според првичните сознанија, Ирена најверојатно починала од мозочен удар, а пред тоа не се жалела на здравствени проблеми. Во САД е извршена обдукција, а официјалните причини за смртта ќе бидат познати деновиве.
По трагичната вест дека Ирена починала во САД, нејзиното семејство покрај тагата се соочи и со проблем како нејзиното тело да се пренесе во Македонија. За тоа беа потребни 15.000 долари, кои беа собрани само за неколку дена, откако нејзините најблиски упатија апел за помош до сите хумани луѓе. (С.Т.) |