Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Мислења Писма Свет Култура Спорт Скопје Забава Некролог Хороскоп Што прават денеска Моето дете тинејџер
Култура
07.04.2010, 16:42

Сликарка со беспрекорна визија и јасни ставови

 

По повод стогодишнината од раѓањето на Кераца Висулчева (1910-2004)

Соња Абаџиева

На седми април оваа година навршија сто години од раѓањето на сликарката од македонско потекло, Кераца Висулчева, која ги помина, на свое инсистирање, последните години од својот долг и плоден творечки век во нашата држава. Со преселувањето од Бугарија во независна Македонија, се оствари сонот на една жена особено чувствителна на својата национална посебност. На татковината таа и ги подари сите свои дела: над 400 масла, акварели, цртежи, скулптури и скици.

Да се потсетиме, дека Република Македонија на нејзината галантна постапка одговори на соодветен начин: во 2002 година се отвори нејзината самостојна изложба во Музејот на Македонија, во 2003, МАНУ ја претстави нејзината ретроспектива и издаде монографија, а на 10 септември 2005 година во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, нашата земја и се оддолжува и и' ја изразува својата почит на достоинствената сликарка Кераца Висулчева, Македонка по потекло од Костурско, за значајната ликовна заоставнина, со промоцијата на спомен-музејска поставка на нејзини дела. Оваа богата и непретенциозно обликувана ликовна збирка, со широк дијапазон на стилски, жанровски, технички, мотивски и содржински изразности означува еден од начините на нејзиното приопштувањето кон македонската култура.

Изложената збирка е сублимиран пресек на творештвото на оваа сликарка од повеќедецениско создавање. Четириесетте масла и цртежи работени во периодот од 1933 до 2001 година, го претставуваат најдоброто во нејзиното портретно, пејзажно и интимистичко сликарство. Составен дел на збирката се и неколкуте десетици награди, ордени, признанија и медалји добиени во Франција, Италија и Полска, како и фотографии од животот, предмети од нејзиното секојдневно опкружување, набавувани од Македонија до Кина.

Кераца Висулчева одговорила на неколку сериозни предизвици во нејзиниот долг и богат живот, не дозволувајќи да се повреди нејзиниот национален, човечки и уметнички идентитет и интегритет. Животот на секој човек е во директна зависност од неговите решенија. Кераца цврсто застанала на неколку значајни принципиелни одлуки: да не дозволи никој да и застане на патот на сликарството; да настојува по секоја цена да се врати од Бугарија во матичната земја; да го подари севкупното творештво на татковината; да издејствува своја постојана поставка во познатиот Ресенски сарај, за да го постигне својот душевен, духовен и физички спокој во Република Македонија.

Фактот што сите овие решенија маестрално ги осуштествила зборува за исклучително храбра и доблесна жена, со беспрекорна визија и јасни ставови

Стилското дефинирање на целокупниот опус на Кераца Висулчева се задржува на реализмот и пост-импресионизмот, со мали отклонувања кон национал-романтизмот. Нејзиното сликарство накусо се означува како сликарство на импресијата, на чувствата и душата. Позначајно од стилската определба е бескомпромисната оддаденост на уметноста и нејзините феномени: бојата, формата, светлината, цртежот. Страста кон сликањето не и дозволила на оваа борбена сликарка да стане заложник на тематски, идеолошки или содржински диктати. Напротив, поетиката на пејзажите, спокојните визури на урбаните сцени од Париз, Антиб или Авињон, сензибилитетот на балерините, дамите и капачките, наспоредни на благородните физиономии на редица значајни личности од нејзиното опкружување, укажуваат на доследност кон естетскиот принцип . Во духот на сопствената кауза и интима се реализирани и нејзините автопортрети, мајката на Никола Вапцаров, училиштето во Пиринска Македонија. Психолошкиот третман на портретираните личности го имаат својот пандан во емотивниот пристап кон раскошната архитектура на Монмартр или Мулен Руж и кон, не помалку возбудливата ерупција на, морските бранови. Повеќето актови соопштуваат длабоко почувствувана сензуалност на женските тела. Во делата Несрам, моето родно село –1980 и Мојот роден крај – 1980, работени на седумдесетгодишна возраст (кога за прв пат по неколку децении го посетува родното место), очигледно е присуството на болката, носталгијата или меланхолијата згуснати во времето, собирани со децении во една емотивна жена.

Кераца Висулчева уште на почетокот на дваесеттиот век ја антиципирала парадигмата на слободна, самосвесна и горда сликарка, која единствено не можела да им одолее на сопствените ликовни страсти и инстинкти. Нејзиното место е меѓу првите академски образовани дами во македонското сликарство, кои оделе во чекор со нашите сликарски доајени, настојувајќи да бидат во дослух со уметниците од светската сцена.

Посебниот јазик на изразување и долгото апстинирање на Кераца Висулчева од македонската ликовна сцена ќе претставуваат возбудливи моменти за истражувачите и оценувачите на ликовната уметност и нов предизвик воопшто за љубителите на уметноста од различни возрасти, места и степен на образование.

Остварувањето на животните соништа на оваа храбра уметничка е резултат и на енергичните активности на редица наши еминентни личности и институции, од првиот претседател на Република Македонија – господинот Киро Глигоров, преку Македонската академија на науките и уметностите, Музејот на Македонија, Музејот на современата уметност, до Министерството за култура.


Статијата е прочитана 1535 пати.

Испрати коментар



Лувр се' уште е светилиште на светската уметност
Литературен портрет на Тодор Чаловски во КИЦ
„Уметноста може“
Изложба „Deus Sex Machina“ на Атанас Ботев
„Градот на културата“ прв пат во Скопје



„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

  


Site Meter


Време
Скопје, 1°C

Претежно облачно

Недела
Локални грмотевици
Макс: 4°C, Мин: -3°C

Понеделник
Делумно облачно
Макс: 2°C, Мин: -6°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Мислења | Писма | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Некролог | Хороскоп | Што прават денеска | Моето дете тинејџер |