07.04.2010, 16:39 Литературен портрет на Тодор Чаловски во КИЦ
Во Културно-информативниот центар во Скопје, во „Салонот 19,19“, вечерва ќе биде претставен портрет на истакнатиот македонски писател и литературен критичар Тодор Чаловски. Во рамките на претставувањето ќе стане збор за најновиот и најсеопфатен поетскиот избор „Ѕидање сон“, објавен во едицијата „Македонска книжевност во 130 тома“ од издавачката куќа „Микена“ од Битола, како и изборот „Есеи и критики“ што неодамна го публикува издавачот „Галикул“од Скопје.
Книжевниот опус на Чаловски го сочинуваат педесетина книги поезија, критичко-есеистички текстови, книжевни разговори, преводи и препеви. Минатата година овој автор одбележа четириесет години од објавувањето на првата поетска книга „Ноќ во која те нема“, објавена во 1969 година, со која ги зацрта своите повеќестрани и бележити творечки преокупации.
За поетското и критичко-есеистичко творештво на Тодор Чаловски ќе говорат Весна Чепишевска и Владимир Мартиновски. Стихови и одломки од текстови ќе интерпретира актерот Славко Нинов, а вечерта ќе биде збогатена и со настап на флејтистот Никола Атанасов и пијанистката Јасминка Чакар. (Н.П.) |