08.10.2012, 15:50 За Интер 220. миланско дерби
Самуел му пресуди на Милан уште во третата минута, Алегри лут на судијата Валери
Фудбалерите на Интер го добија 220. дерби во италијанската Серија А, минимално поразувајќи го Милан со 1:0. Ниту поддршката од Марио Балотели од трибините не беше доволна за миланезите, бидејќи избраниците на Андре Страмачони успеаја да го сочуваат водството што го стекнаа на стартот на мечот.
Нероазурите поведоа веднаш по судискиот свиреж. Слободниот удар на Естабан Комбијасо и невниманието на голманот на Милан, Абијати, максимално го искористи Валтер Самуел за водство од 1:0. Интер лесно можеше да дојде и до поубедливо водство, новата грешка на Абијати не ја искористи Милито, а Филип Мекскес успеа да ја спаси мрежата на „росонерите“.
По неколкуте шанси на Милан следеше контроверзната 39. минута. Откако словенечкиот голман Хандановиќ истрча за да ја одбие топката и притоа падна и Монтолива погоди празен гол, главниот арбитар одлучи да го поништи погодокот поради фаул на Боатенг врз голманот на Интер. Но, ова не беше единствената спорна ситуација, според стратегот на Милан, Алегри, судијата Паоло Валери не досудил уште неколку спорни ситуации што имале влијание врз крајниот резултат.
„Никогаш досега не сум го коментирал судењето, но сега ќе морам. Судија грешеше доста. Во првото полувреме направи техничка грешка откако 12 секунди пред истекот на времето отсвири крај. По ова не досуди фаул на последниот фудбалер во одбраната, Емануелсен, а можеби и пенал на Робињо. Не барам оправдувања, можеби и судијата немаше среќа, но неговите грешки беа доста видливи“, е првиот коментар на Алегри, кој веднаш се сети на уште една грешка на делителите на правдата: „Не знам зошто беше поништен голот на Монтолива. Токму тој беше клучен. Мислам дека е доста срамно што беа донесени многу одлуки против нас, но можеби и судиите се во лоша форма како нас“, заврши стратегот на Милан.
|