12.10.2012, 15:15 Алонсо зашеметен од Ред бул
Лидерот од Ферари зад Фетел и Вебер на вториот тренинг пред ГН на Кореја в недела
Фернандо Алонсо признава дека во Ферари не знаат што да очекуваат во однос на стартниот редослед во трката за Големата награда на Јужна Кореја в недела. На Шпанецот очајно му треба голем резултат викендов, посебно по сведувањето на неговата предност во вкупниот поредок на само четири бода во последната трка во Јапонија, во која тој беше принуден да се повлече по судирот во првиот круг, а победи неговиот главен ривал Себастијан Фетел. Притисокот врз Алонсо го зголеми и формата на возачите на Ред бул на денешниот втор тренинг на патеката Јеонгам, на кој Фетел беше најбрз, пред тимскиот колега Вебер, а пилотот на Ферари имаше трето време, заостанувајќи 0,328 секунди зад Германецот.
Сепак, водечкиот во генералниот пласман изгледаше добро на тренингот, стигнувајќи ги болидите на Ред бул и на Мекларен на долгите правци.
„Тешко е да се каже каде сме во споредба со другите, бидејќи се фокусиравме главно самите на себе, работејќи утрото на споредувањето различни идеи поврзани со конфигурацијата на болидот, а попладнето со гумите“, вели 31-годишниот двократен светски првак во Формула 1. „Мораме да ги почекаме квалификациите за да добиеме многу појасна слика за ситуацијата“.
Возачите мораа да се справуваат и со многу валканата патека, која постепено почна да се подобрува со тоа што болидите од круг во круг го растеруваа правот.
„Патеката значително се подобри меѓу двете сесии. Тоа е феномен овде, бидејќи тешко е воопшто да се тркаш на оваа патека, а камоли уште да е валкана, како што беше утрото. Делот што најмногу бара на оваа патека е третиот сектор, кој е најкраток во однос на времето и е составен главно од свијоци. Опциите за сетапот ги диктира однесувањето на болидот токму во овој сектор, а другите два се дефинитивно полесни за справување со нив“, објаснува Алонсо. |