12.10.2012, 13:37 „Самсунг“ го претстави Galaxy S3 Mini
Новиот модел е помала верзија на Galaxy S3 со екран од четири инчи, камера со пет мегапиксели и двојадрен процесор со работен такт на едем гигахерц.
„Самсунг“ ја претстави компактната верзија на својот најпопуларен смартфон Galaxy S3, кој ќе ја носи ознаката Mini и според димензиите ќе биде сличен со најголемиот ривал iPhone 5 на „Епл“.
S3 Mini ќе има екран со висока резолуција и дијагонала од 4 инчи, што е за 0,8 инчи помалку од стандардната верзија, а помала ќе биде и резолуцијата која сега е 800х400 пиксели, за разлика од 1.280х720 пиксели кај поголемиот брат.
Камерата е малку послаба и има пет мегапиксели, а во Mini ќе се вградува и послаб процесор со работен такт од 1 гигахерц.
Компанијата го најавува како идеален избор за купувачите кои бараат практичен смартфон, но засега не објави детали за цената и стартот на продажбата.
Овој претставник на Galaxy семејството ќе има иста големина како iPhone 5, кој беше претставен минатиот месец, но и послаби технички карактеристики за разлика од него.
Неколку експерти веќе дадоа негативни оценки за телефонот, а најгласен беше оној во LA Times кој објаснува дека S3 Mini може да биде конкурент на iPhone 3GS од 2009 година, наведувајќи дека без 4G можност, Galaxy S3 Mini не може да се бори за место меѓу најдобрите телефони на пазарот.
|