12.10.2012, 11:44 Едуардо: Ова е наше најтешко гостување
Хрватската фудбалска репрезентација вчера пристигна во Скопје и го одработи единствениот тренинг на „Филип Втори“ пред одигрувањето на мечот со Македонија (20,30 часот)
Според пишувањата во тамошните медиуми, најголем дел од избраниците на Штимац не биле баш разговорливи пред полетување кон нашата земја, почнувајќи од Лука Модриќ, Марио Манџукиќ, Ведран Чорлука, па дури и капитенот Дарио Срна. Сепак, имаше и такви кои немаа проблеми да застанат пред новинарските микрофони и диктафони, еден од нив е Нико Крањчар.
„Не очекува тежок натпревар против многу солидната Македонија која има мотив по освоениот бод во Шкотска“, почна Крањчар.
„Се чувствуваме одлично. Мислам дека го подигнавме нивото на игра во однос на минатиот месец и наша желба во Скопје се трите бода“, дополни Крањчар кој го посочи Пандев како најголема опасност по хрватскиот состав.
Расположен за медиумите беше и неговиот соиграч од Динамо Киев, Огњен Вукоевиќ.
„Ќе биде тешко. Сигурно нема да биде убава фудбалска претстава со оглед на нејзината важност. Сакаме да освоиме три бода, спремни сме на секакви ситуации што противникот би можел да ги подготви. Очекувам многу добра игра на хрватската репрезентација иако треба да се нагласи дека Македонците се многу сериозен ривал што бележи голем напредок во последните години и можат да бидат многу незгодни на свој терен“, предупредува довчерашниот соиграч на нашиот Горан Попов.
Шимуниќ знае што ја чека Хрватска вечерва на "Филип Втори" со оглед дека не му е првпат што ќе иггра во Скопје.
„Имаме тешки искуства оттаму, но работевме добро во Загреб и подготвени сме на се и сешто. Наша цел се трите бода и таа мисија ќе ја оствариме“, кусо одговори стоперот на Динамо Загреб и хрватската репрезентација.
И Едуардо беше еден од разговорливите пред поаѓање за Скопје.
„Ова е нашето најтешко гостување. Знаеме колку ќе биде тешко. Сепак сме фаворити и сакаме да одиме на Светското првенство. Мора да освоиме три бода“, истакна популарниот Дуду за кого е нејасно дали ќе добие шанса за настап.
Не се знае со кои 11 фудбалери Штимац ќе почне вечерва на „Филип Втори“. Се е во доменот на шпекулациите кои произлегуваат по последниот тренинг на „коцкестите“ во Загреб. Ако се суди по него, според медиумите во Хрватска, отстранети се две дилеми. Новопечениот татко Иван Перишиќ најверојатно ќе биде меѓу стартерите во средината на теренот по посетата на сопругата и синчето и ќе делува зад Манџукиќ. Никица Јелавиќ, стрелецот на единствениот гол против Македонија на „Максимир“ по се изгледа ќе почне од клупата.
На последниот тренинг, пишува „Вечерњи лист“, како што е вообичаено играа два тима пришто Штимац вовел и еден новитет. За двете страни играл Модриќ, т.е. се приклучувал во онаа екипа што напаѓала во некои моменти, па во неговиот тим го менувал Крањчар.
Можен состав на Хрватска за мечот со Македонија
Плетикоса, Вида, Чорлука, Шимуниќ, Стриниќ, Стриниќ, Модриќ, Вукоевиќ, Срна, Перишиќ, Ракитиќ, Манџукиќ.
|