13.10.2012, 12:43 Во Велес отворен 10. Меѓународен салон на стрип
Првата награда „Златен стрип‘‘ му беше доделена на Стеван Субиќ од Србија за стрипот „Трагови‘‘
Во Ликовниот салон во Велес синоќа свечено беше отворен 10. јубилеен Меѓународен салон на стрип. На свеченоста беа доделени наградите по распишаниот конкурс за стрип „Велес 2012‘‘.
Првата награда „Златен стрип‘‘ му беше доделена на Стеван Субиќ од Србија за стрипот „Трагови‘‘. Втората награда „Златен стрип‘‘ ја доби на Марко Стојановиќ од Србија за сценарио и Марко Врандечиќ за цртеж и Дамјан Михаилов за колор за стрипот „Најамник‘‘. Третата награда му припадна на Марко Стојановиќ за сценарио и Милорад Вицановиќ Маза од Република Српска за цртеж за стрипот „Кула. Традиционално беше доделено и Признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип за оваа година на Киро Донев, долгогодишен уредник на списанието „Наш свет“ (од 1963 до девеесетите години).
Меѓународниот салон на стрип во Велес денеска продолжи со предавањата на Мауро Лоренти, реномиран стрип автор од издавачката куќа „БОНЕЛИ“. Лоренти е познат како еден од авторите којшто го црта легендарниот ЗАГОР. Тој пред љубителите на стрипот во Велес говореше на тема „Загор и јас“.
За попладне е предвидена промовирање на стрип на авторот Дарко Богданов, а потоа Марко Стојановиќ ќе говори за Стрип фестивалите во Србија, додека Срѓан Николиќ - Пеќа за фестивалот на стрип во Лесковац 2012. Веднаш потоа ќе се одржат и слободните стрип разговори со присутните љубители на стрип и авторите.
За време на фестивалот работи и стрип работилницата на која се откриваат нови млади таленти на стрип во земјава. Во Ликовниот салон, пак, е отворена и стрип берзата.
|