08.10.2012, 18:36 Националната предлог-стратегија за развој на културата на јавна расправа
Националната предлог-стратегија за развој на културата во Македонија која го опфаќа периодот од 2012 до 2017 година ќе биде поставена на јавна расправа на 18 октомври, а вчера попладне требаше да ја разгледа и Советот за култура. Ова беше поводот за одржаната средба вчера на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, со претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски во просториите на Академијата. „Во нашата држава првпат се изработува ваков стратегиски документ за развој на културата, кој е базиран на стручни и научни сознанија и демократска процедура и постапка на донесување од страна на Собранието на РМ“, изјави министерката за култура.
Националната предлог-стратегија ја подготвувале стручни лица од Македонија и од странство, а нацртот им бил доставен на 150 релевантни субјекти од областа на културата во земјава, од кои околу 95 одговориле со сугестии и забелешки што се вградени во документот.Забелешките на МАНУ се однесувале на прашања за мултикултурализмот и интеркултурализмот, за состојбата на македонскиот јазик и културата, за заемното влијание и содејство со другите култури на оваа почва и нивна заштита и одржлив развој. (К.Р.) |