10.10.2012, 21:01 Груевски: Датумот за преговори ќе отвори ново поглавје за Македонија
Премиерот вели дека извештајот на ЕК е реален и прецизно го отсликува напредокот на државата во процесот на евроинтеграциите
Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија е реален и прецизно го отсликува напредокот на државата во процесот на евроинтеграциите. Со доделување датум за пристапни преговори, што по четврти пат го препорачува Европската комисија Советот на ЕУ ќе отвори ново поглавје за нашата земја чин, кој ќе знаеме да го цениме и да одговориме, изјави на денешната прес-конференција премиерот Никола Груевски по средбата со евроамбасадорот Аиво Орав кој му го предаде Извештајот на ЕК.
Тој истакна дека Извештајот детално ќе биде анализиран, ќе се утврдат слабостите и ќе биде изготвен акциски план со кој ќе бидат адресирани забелешките, а воедно ќе се продолжи со усогласување на нашето законодавство со правото на ЕУ, како и со јакнење на капацитетите на институциите за имплементација на тоа законодавство. Премиерот истакна дека на новиот патоказ, кој ќе ги адресира забелешките во Извештајот за напредокот, веќе се работи и треба да биде изготвен за три недели од вицепремиерот за евроинтеграции, по што ќе биде претставен пред јавноста.
- Институциите на државата во изминатиот период акумулираа доволно знаење и искуство кое дава за право да потврдам дека сме подготвени да ги започнеме преговорите во секој момент. Ние сме целосно свесни кои се предизвиците пред нас. Од денеска до декември Советот ќе одлучува по оваа препорака на ЕК, но и од декември натаму, посочи Груевски.
Тој потенцира дека пристапниот дијалог на високо ниво, беше новиот извор на потребната енергија за реализација на приоритетите на земјата. Обезбеди форма на директна и лична комуникација со партнерите од ЕК, со што, рече, се фокусиравме на приоритетните прашања, а ефектите се мултиплицираа, заблагодарувајќи се при тоа на активниот и ангажиран однос на еврокомесарот Штефан Филе и генералниот директор на Генералниот директорат за проширување Стафено Санино.
- Нашата цел никогаш и никој не треба да ја става под знак прашање. Таа е една и единствена, сакаме почеток на пристапните преговори и сакаме час поскоро да станеме и членка на ЕУ. Во исто време, го охрабруваме Советот на ЕУ, односно сите нејзини членки да не поддржат во тие напори исто како што сите овие години не поддржува ЕК, рече премиерот Груевски.
Шефот на Владата ги поздрави оценките во Извештајот со кои земјата напредувала во исполнување на политичките, на економските критериумите, во однос на усвојувањето на евтропското законодавство и регионалната соработка.
Македонија, рече Груевски, е цврсто определена да гради функционална држава со мултиетнички карактер, силна и конкурентна економија и највисока можна соработка со сите соседи и поширокиот регион.
- Убедени сме дека за секој проблем постои решение. Потребна е желба да се најде решението и потребно е да се пронајдат патиштата до тоа решение. Со доделувањето на датум за пристапни преговори Советот на ЕУ и земјите членки ќе отворат ново поглавје за нашата земја но и за регионот, чин кој ние ќе знаеме да го цениме и вредуваме и на него да одговориме како и досега со напорна работа, рече Груевски.
Подвлече дека ова е успех на сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка, верска партиска или било ккава друга припадност. - Денес Македонија доби потврда на тоа што го вложи и сработи во целиот изминат периот низ сите дискусии, политички дебати, донесени закони, за целата посветеност и енергија. Ние сме горди на овој успех, рече Груевски
|