10.10.2012, 09:19 Стејт департментот одбил две барања за засилување во Бенгази
Безбедносен офицер тврди дека било побарано дополнително засилување за објектот во Бенгази, но Стејт департментот го одбил барањето
Американскиот Конгрес врши испрашувања во врска со нападот врз конзулатот во градот Бенгази, каде беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс и уште тројца Американци.
Според сведоштвото на безбедносен офицер кој бил распореден во Бенгази пред нападот, тој побарал дополнително засилување за да се обезбеди објектот, но Стејт департментот го одбил барањето.
- Имаме 15.000 безбедносни агенти во Ирак, но не можеме да си дозволиме неколку дузини во Либија? Ова нема логика. Резултатот е дека го имаме првиот убиен американски амбасадор од 1970-ите години, изјавил конгресменот Џејсон Чафетз, член на Комитетот за надзор на Конгресот.
Сведокот Ерик Нордстром, кој бил распореден во Либија како безбедносен офицер на Стејт департментот, сведочел дека во март и во јули поднел барања до Вашингтон да му бидат доделени повеќе стражари, поради големиот број инциденти кои се случувале во Бенгази и низ Либија.
На затворената седница на Комитетот, Нордстром сведочел дека неговата претпоставена во Стејт департментот го држела обезбедувањето во Либија на вештачки ниско ниво. Клучните сведоштва во Конгресот се предвидени за денес.
Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент се огради од тврдењата на Белата куќа дека нападите врз конзулатот во Бенгази, амбасадите во Египет, Тунис, Судан и Јемен и другите американски претставништва низ Блискиот Исток организирани на годишнината на нападите на 11 септември, биле предизвикани од објавувањето на филмот Невиноста на муслиманите, во кој беше прикажан муслиманскиот пророк Мухамед.
Претседателот Барак Обама, државниот секретар Хилари Клинтон и амбасадорот на САД во Обединетите нации Сузан Рајс, повеќе пати, вклучително и во обраќањето на Обама во ОН, порачаа дека овој филм е причината за протестите.
Но, во брифинг за медиумите организиран од Стејт департментот, висок анонимен дипломат изјави дека Стејт департментот не дошол до заклучок дека филмот е причина за нападите.
Претседателскиот кандидат Мит Ромни завчера ја претстави својата надворешно-политичка агенда при што оцени дека политиката на Обама кон Блискиот Исток е пред колапс, и воедно го обвини Обама дека се обидува планираните и организирани напади врз амбасадите да ги претстави како спонтана реакција на филмот. (МИА) |