12.10.2012, 13:22 Германија притиска за враќање на визите за Македонија
Министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих, покрај за нашата земја бара проверка на одлуката за безвизно патување и за Србија
Се погласни и се побројни стануваат барањата во Германија за суспензија на безвизниот режим со Србија и Македонија, пред се, заради големиот број азиланти. Покрај одреден број покраински министри за внатрешни работи, сега и сојузниот министер за внатрешни работи Хан-Петар Фридрих, побара проверка на визните слободи за граѓаните од двете земји.
„Визната слобода за Србија и Македонија мора да оди на проверка“, рече Фридрих, политичар на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), сестринската партија на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, пренесоа денеска германските медиуми.
Тој предупреди дека визната слобода не смее да води кон злоупотреба на азилот.
„Подготвеноста на Германија да им помогне на оние на кои тоа навистина им е потребно и кои се прогонети во своите земји, со ова е оптоварена“, рече Фрдирих.
Медиумите пишуваат дека „експлодирал“ бројот на српски и македонски азиланти во Германија.
Статистиката кажува дека во јануари 2010 година, на пример, имало 68 барања за азил од Србија, во јанаури годинава 697, додека претходниот месец имало дури 1.395 барања за азил.
Барањата за проверка на безвизниот режим за Србија и Македонија доаѓаат од териториите на поранешна ДДР, од покраините кои и самите имаат економски проблеми и каде малкумина странци нашле „згрижување“, како што се Тирингија и Мекленбург-Предна Померанија.
Портпаролот за внатрешни прашања кај германските демохристијани во Бундестагот, Ханс Петер Ул, барајќи го укинувањето на безвизниот режим за Србија и Македонија, изјави дека бројот на признат азилантски статус досега е нула.
Темата за азилнатите и визната слобода за Србија и Македонија, според германските медуми, ќе биде разгледувана и на претстојниот самит на министрите за вантрешни работи и за правда на земјите членки на ЕУ, што ќе се оддржи на 25 октомври.
|