12.10.2012, 12:03 ОМД: Советот на ЕУ да одреди датум за преговори
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го поздрави Извештајот на ЕК за Македонија и го повикува Советот на ЕУ конечно да одреди датум за почеток на пристапните преговори.
Извештајот вклучува детални признавања на напредокот на Македонија во различни области и по четврти пат потврдува дека земјата ги исполнува сите неопходни критериуми за започнување на преговорите за членство, но, сепак, оценуваат од ОМД, ЕК нема моќ да ги изврши своите препораки во име на целата ЕУ.
- Нам овој процес давај - недавај, ни е добро познат. Во последните четири години, ЕК секоја година потврдува дека Македонија ги исполнува сите критериуми за започнување на преговорите, и секоја година, поради чисто политички забелешки од нашиот јужен сосед, препораката е секогаш игнорирана од страна на шефовите на државите членки на советот на ЕУ. Освен ако ЕУ одлучи да се придржува кон сопствените правила и ако престанат да ги кршат принципите кои тие ги проповедаат на другите, оваа година најверојатно нема да биде различна од предходните, директно посочувајќи на длабоката нефункционалност на процесот на проширување на ЕУ, вели Стојан Николов, претседавачот на одборот на директори на ОМД.
Извештајот, додава, содржи и неколку контрадикторни изјави во врска со Охридскиот рамковен договор, кој се смета за "суштински елемент на демократијата и владеењето на правото во земјата". Некои сериозни политички проблеми, како што се зголемувањето на сегрегацијата во јавниот образовен систем по етнички линии, како и недоволната застапеност на не-албанските етнички малцинства во јавната администрација како на пример Ромите и Турците, ОМД оценува дека се проблеми, кои директно се поврзани со пропустите на Рамковниот.
- Охридскиот рамковен договор не е темел на мултикултурна Македонија, туку македонскиот Устав е документот што гарантира еднакви права за сите македонски граѓани. Напротив, Охридскиот рамковен договор има спротивни ефекти врз демократијата во Македонија. Поради Рамковниот договор, државните службеници во Македонија се вработувани само за да се задоволат етнички квоти, а не врз основа на објективни работни критериуми. ОМД верува дека сите македонски граѓани треба да уживаат еднакви права, според највисоките меѓународни стандарди, вели претседателот на ОМД Методија Колоски.
За разлика од претходните документи на ЕУ, придавката македонски е употребена два пати, а во Извештајот се споменува и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но извештајот, оценуваат од организацијата на македонската дијаспора, го минимизира значењето на пресудата во односите помеѓу двете засегнати земји.
- Во 21 век на една демократска и европска земја и е ускратено основното право, а тоа е правото на самоопределување. Поминаа 20 години по паѓањето на комунистичка Југославија, но сепак, ЕУ продолжува со навредите врз граѓаните на Македонија со постојано наметнување на привремената референца. Европските вредности за кои Македонија се залага, не треба да се користитат како уцена за принудување на земјата да го смени своето уставно име, што би било лицемерно од страна на ЕУ, додаде потпретседателот на ОМД и председавач на Советничкиот одбор, Александар Митрески
|