11.10.2012, 15:38 Како да се спречи крвната одмазда меѓу Албанците?
Голем број семејства, 500 во Албанија и околу 140 во Косово, живеат во домашен притвор
Крвната одмазда се' уште е присутна кај Албанците. Симон Кужини, претседател на Сојузот на Албанците во светот, со своите соработници веќе подолго време работи на спречување на крвната одмазда која се' уште е присутна кај неговите сонародници. Смирил десетици семејства, но тоа, како што кажува, е малку. Голем број албански семејства и денес живеат во домашен притвор и им се заканува опасност некој од нивните членови да биде убиен. „Околу 450 или 500 семејства има во Албанија, а овде, во Косово, некаде од 130 до 140. Очекувам дека овие денови ќе смириме десет семејства, а ќе почнеме да работиме и со други кои се подготвуваат за крвна одмазда. Мислам дека ќе престане тоа“, оптимист е Кужини.
За таа цел, вели Кужини, составен е опсежен план: ќе се одржуваат симпозиуми и тркалезни маси на кои ќе присуствуваат стручњаци и добри познавачи на таа појава. За да се спречи во корен крвната одмазда, потребно е наполна документација, смета овој призренец. „Би требало сите Албанци самоволно и самосвесно да се потпишат и да собереме три-четири милиони потписи. Кога ќе се соберат четири милиони потписи, тогаш ќе бараме од Министерствата за правда во Албанија и во Косово да донесат ригорозен закон. Без него нема да успееме. Тој закон сигурно ќе ни помогне еднаш засекогаш да се реши тоа во нашето општество“.
Кужини смета дека со потпишување на петицијата, во суштина, ќе се „даде беса“ (заклетва), а со тоа, освен со крвната одмазда, ќе се започне и со решавање на тешката социјална положба на многу Албанци. Социолозите, како што е универзитетскиот професор Исмаил Хасани, поздравуваат каква било иницијатива за спречување на крвната одмазда. Сепак, Хасани смета дека споменатиот начин би бил контрапродуктивен.
„Се сеќаваме дека тој процес во Косово во 90-тите години се одвиваше според друга методологија, а имаше и резултати. Меѓусебното смирување на Албанците поврзано со крвната одмазда тогаш одеше полесно поради тоа што социјалната кохезија на Косово беше поголема, поврзана со репресивниот режим на Милошевиќ. Сега состојбата е сосема поинаква и мислам дека не може да се подобри со тие спектакуларни мерки во смисла на вршење притисок на владите на двете држави“, кажува Хасани.
За Косово и за Албанија демократијата на општеството и фаќањето приклучок на патот за ЕУ се приоритети. Заострувањето на законот би било, кажува Хасани, контрапродуктивно. „Тоа, всушност, официјален ��рисел никогаш не би го прифатил“. Затоа, излезот од оваа ситуација, според професорот Хасани, лежи во поголемото ангажирање на социјалните работници, социолози, антрополози, луѓе кои ја познаваат културата на таа средина, луѓе кои ги познаваат вредностите на религијата, кои ги познаваат вредностите на секојдневјето, етичкиот код на Албанците. „Тие луѓе треба да се следат како емисари, да учествуваат во секојдневните разговори и да ги убедуваат луѓето дека треба да се спречи тоа. И, конечно, образование, образование и образование...“
Според Канонот на Лека Дукаѓини, ако мажот од едно семејство убие друг, семејството на жртвата мора да одговори на ист начин. Семејството на убиецот е безбедно единствено во својот дом, бидејќи убиството на ривалот носи срам во неговата куќа. (Дојче веле)
|