11.10.2012, 13:02 Европската комисија најави нова индустриска „револуција“
Европската комисија обелодени планови за, како што укажа, нова индустриска „револуција“ и поттикнување на економскиот раст, наспроти тоа што рестриктивните буџети на многу членки на ЕУ ги ограничуваат инвестициските можности.
- Наша цел е индустријата да учествува со 20 отсто во бруто домашниот производ на ЕУ во 2020, во споредба со сегашните 16,6 отсто, изјави еврокомесарот за индустрија Антонио Тајани.
- Со години правевме грешки ставајќи акцент само на финансискиот и услужниот сектор, рече комесарот Тајани и додаде дека е потребно „да се уверат владите да го изменат тој тренд“.
Тајани на денешните преговори со министрите за индустрија на членките на ЕУ во Луксембург ќе се заложи за нова индустриска „револуција“, чија цел е инвестициите да се насочат на клучните сектори, како што се напредна технологија за т.н. чисто производство, пазари за биопроизводи, одржлива изградба и суровини, возила со ниски емисии на штетни гасови и т.н. паметни енергетски мрежи.
ЕК веќе претходно соопшти дека се потребни илјади милијарди евра инвестиции за изградба на прекугранични мрежи во клучните сектори за енергетика, сообраќај и телекомуникации кои придонесуваат за економскиот раст.
|