12.10.2012, 14:02 Црногорците во недела избираат нов Парламент
Граѓаните на Црна Гора со право на глас во недела ќе излезат на гласачките места за да го изберат новиот состав на црногорскиот Парламент.
Изборите се одржуваат половина година пред редовниот термин на иницијатива на владеjачката коалиција предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС), која на овој начин сака да си обезбеди уште еден четиригодишен мандат и да ги води преговорите за членство на Црна Гора во ЕУ.
ДПС, чии лидер е ветеранот на црногорската политичка сцена Мило Ѓукановиќ, е единствената партија на Балканот која победила на сите парламентарни избори од 1990 година, па до сега. Според анкетите ваквата пракса ќе се потврди и на овие избори и ДПС ќе оствари уште една деветта по ред изборна победа.
Наспроти коалицијата предводена од ДПС, која тврди дека на овие избори бара „нов цел мандат за да може да преговара со Брисел“, стои опозициската коалиција Демократски фронт, предвидена од поранешниот министер за надворешни работи Миодраг Лекиќ.
Својата кампања на овие избори Демократскиот фронт ја базираше на критика на Владата која ја обвинува за тешката економска состојба во земјата, во која стапката на невработеност изнесува 20 проценти, како и за длабока вмешаност во корупција, за што главните обвинувања одат директно на сметка на лидерот на ДПС, Ѓукановиќ, кој е поранешен претседател и премиер на Црна Гора.
Според последните анкети на јавното мислење, владејачката коалиција предводена од ДПС се очекува да освои околу 47 проценти од гласовите, додека опозицијата предводена до Демократскиот фронт околу 40 проценти.
Политичките аналитичари во Црна Гора проценуваат дека ниту власта ниту опозицијата не предлагаат реални решенија за подобрување на економската состојба во земјата, каде просечната плата изнесува околу 480 евра, што не е доволно за задоволување ни на основните месечни потреби.
Црногорската економија која во најголема мерка е зависна од странските инвестиции, бележеше солиден раст во периодот меѓу 2006 и 2009 година. Меѓутоа ваквата стапка на раст драстично опадна во годините на глобалната економска и финансиска криза. За годинава се проценува дека црногорскиот БДП ќе забележи зголемување од само 0,5 проценти, по ланскиот економски раст од 2,7 отсто.
Многумина критичари на владината економска политика сметаат дека солидниот економски раст во втората половина од минатата деценија се должеше на приходите од туризмот и на инвестирањето на странците во недвижности на јадранскиот брег. Спроед овие аналитичари, по приватизацијата на туристичките капацитети на Јадранот неминовно дојде и до забавување на економскиот раст. |