13.10.2012, 12:07 МЗТ бара полна сала за нова победа
Гечевски се враќа во составот за дуелот од четвртото коло, Чековски го мачи лакотот
По првиот пораз во Подгорица, МЗТ Скопје ги има сите предуслови да го врати победничкиот ритам во дебитантската сезона во АБА Јадранската лига. Македонскиот шампион по очајното издание против Будуќност не само што имаше речиси една седмица за рехабилитација, во прилог му оди и тоа дека мечот од четвртото коло го игра на домашен терен. Вечерва од 20,30 ч. во салата „Борис Трајковски“ гостува Раднички Крагуевац, кој во новата сезона стартуваше со три порази, поради што управата на клубот реши тимот, но и Стручниот штаб, да ги казни парично.
„Мислам дека нивните резултати не се реална слика за квалитетот што го имаат. Станува збор за тим со нелимитиран буџет, а тоа го кажува нивната политика - по секој пораз не бркаат, туку донесуваат нови играчи. Раднички има квалитетни поединци, затоа тешко можам да ги објаснам нивните порази на домашен терен. Според имињата, подобри се од екипи како Олимпија и Игокеа, затоа мислам дека се силен ривал, но, без разлика на се', мораме да одиграме максимално. Свесни сме дека влегуваме во серија тешки дуели на домашен терен и уште потешки гостувања. Затоа, сите мечеви дома треба да ги искористиме“, вели Александар Тодоров, кој додава дека заедно со своите играчи очекуваат салата да биде многу повеќе исполнета: „Публиката треба да биде нашиот шести играч. Се надевам дека ќе има повеќе гледачи отколку со Широки, бидејќи овој пат се игра во викенд, противникот е поатрактивен и мислам дека тоа се фактори што ќе придонесат да има публика, како на пример, на ракометниот меч на Металург минатата сабота“.
Добра вест за „металците“ е што во составот се враќа Тодор Гечевски. Искусниот центар, чија игра дефинитивно недостигаше во претходните две средби, веќе почна со тренинзи, а, според лекарскиот тим, повредата на скочниот зглоб е целосно надмината.
„Гечевски почна со тренинг, но без контакти. Ги направи потребните рентгенски снимки и, според лекарите, зглобот е сосем здрав“, потврдува младиот тренер, кој извести дека Ѓорѓи Чековски има болки во лакотот, поради што интензивно оди на терапија.
По три кола Раднички е на последното место на табелата. И покрај тоа што МЗТ Скопје во подготвителниот период ги загуби и двата пријателски натпревара со српскиот прволигаш, македонската јавност ја очекува третата победа за нашиот претставник во АБА-лигата.
Покрај овој дуел за сабота се закажани и средбите Шолнок - Будуќност и Игокеа - Сплит. Поради настапот во Евролигата, Владо Илиевски и Цедевита в недела ќе се судрат со Црвена звезда, а тој ден ќе играат уште Крка - Цибона и Партизан - Широки. Четвртото коло ќе се комплетира со мечот меѓу Задар и Олимпија в понеделник. (М.К.)
|