08.10.2012, 12:50 Илиевска со бронзен медал на Медитеранскиот шампионат
Во борба за бронзата, нашата претставничќка беше подобра од Ана Драшковиќ од Црна Гора со резултат 3:2
Македонската каратистка Наташа Илиевска на Медитеранскиот шампионат, кој викендов се одржа во Тузла, (БиХ), освои бронзен медал во категоријата до 55 кг.
Илиевска во оваа конкуренција во 1.коло имаше борба со претставничката на Франција, Луција Игнале, нејзина конкурентка за медал на сите европски и светски натпреварувања. Нашата репрезентативка ја загуби првата борба со минимален резултат 0:1, потоа Французинката стана медитеранска шампионка, а Илиевска преку репасажните борби дојде до бронзениот медал по победите над турската репрезентативка Бахар Ексехер со резултат 1:0 и во директна борба за бронзен медал со претставничката на Црна Гора, Ана Драшковиќ со резултат 3:2.
- До светското првенство кое треба да се одржи во Париз има уште 40 дена, ние во целост ја исполнуваме зацртаната програма за подготовка на нашата најдобра спортистка. За нас ова Медитеранско првенство имаше само контролен карактер, односно ние заминавме со единствена цел да видиме до каде сме со специфичниот дел од нашата подготвеност. Ги видовме сите недостатоци кои треба да ги поправиме и се надевам дека со добра завршна подготовка ќе направиме Наташа Илиевска да биде конкурентна за еден од медалите или повисоки пласмани на светското првенство во Париз, истакна тренерот на Илиевска, Бошко Заборски.
На Медитеранското првенството во Тузла учествуваа 10 национални репрезентации: Франција, Италија, Турција, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија, Кипар и домаќинот Босна и Херцеговина.
|