10.10.2012, 15:22 Штимац: Во Скопје потешко од Белгија
Хрватскиот селектор смета дека Македонците имаат причини да веруваат во позитивен резултат
„Натпреварот во Скопје ќе биде еднакво тежок, ако не и потежок од тој во Белгија“, смета селекторот на Хрватска, Игор Штимац, чии избраници на стартот од квалификациите за Светското првенство ја совладаа Македонија во Загреб со 1:0, а потоа ремизираа 1:1 на гостувањето во Белгија. „Ако бидеме тркачки еднакво расположени и ��днакво агресивни како нашиот домаќин, тогаш резултатот нема да изостане, бидејќи сме технички поквалитетни. Се подготвуваме така да можеме да се адаптираме на се' што не' чека на овој меч, но клучно е дека ќе мораме да се наметнеме и низ играта да бараме позитивен епилог“.
Штимац не штеди комплименти за противникот, за кој вели дека „исклучително го цени“.
„Македонците имаат причини да веруваат дека можат да извлечат позитивен резултат, со оглед на тоа што го покажаа во првите два натпревара. Во Скопје не' очекува распродаден стадион, но така е секаде каде што доаѓа Хрватска. Тоа значи дека не' почитуваат и оти вредиме. Сите го посакуваат нашиот ’скалп‘, а со нешто тоа сме го заслужиле“, додава „изборникот“ на репрезентацијата што заедно со Белгија и со Србија го дели првото место во групата А со по четири бода.
Динамовиот Бразилец Самир, кој очекува да дебитира за Хрватска токму против Македонија на „Филип Втори“, со оптимизам гледа на дуелот во Скопје
„Не знам дали ќе заиграм, но сигурен сум дека ќе победиме“, изјави тој. (Р.Д.)
|