09.10.2012, 16:21 Јаневски бара бодови, макар и со послаба игра
Македонскиот селектор го потенцира големиот мотив на неговите избраници, забележлив уште на првиот тренинг
Сашко Ѓ. Димовски
Општо е задоволството од септемвриските репрезентативни партии во Загреб и во Глазгов, но не и од резултатите во воведните дуели во квалификациите за СП 2014 против Хрватска и Шкотска. Иако и на „Максимир“ и на „Хемпден парк“ одигравме добро, сепак, се вративме дома со само еден бод, па затоа и селекторот Чедомир Јаневски пред возвратниот дуел со „коцкестите“ в петок на „Филип Втори“ ќе рече: „Нека одиграме и малку послабо, само да освојуваме бодови. Дали ќе бидат шест или четири, не можам да ветам. Секако дека би бил најзадоволен со добри игри и со позитивни резултати“.
Македонската фудбалска репрезентација е пред две исклучително важни средби во мундијалската кампања кон завршниот турнир во Бразил. В петок во Скопје ќе гостува Хрватска, во вторник Србија, а ефектите во нив во голема мерка ќе влијаат врз нашиот национален тим пред продолжението на циклусот.
Одличните изданија во претходните две средби го зголемија интересот кај домашната јавност за петочниот реванш со Хрватите. Од репрезентативниот табор со порака дека очекуваат полн стадион и безрезервна поддршка, а сето тоа ќе претставува обврска за фудбалерите да се оддолжат со добра игра.
„Претстојните мечеви се важни за нас. Уште поважно е што навреме се собравме и, најважно, што сите се здрави. Мотивите кај играчите се големи, тоа можеше да се забележи уште на првиот тренинг. Можеме да ветиме дека ќе дадеме максимум во намерата и желбите да освоиме повеќе бодови од претходните два натпревара“, вели Јаневски. „Не не' интересира како ќе играат тие, важно е како ќе одиграме ние. Не не' интересира дали и колку не' уважуваат како ривал. Можеме да ветиме максимално залагање во намерите да освоиме повеќе бодови во претстојните два меча. Наша желба е да ја повториме играта од Загреб, да имаме добра организација на теренот, да бидеме дисциплинирани, концентрирани, да знаеме што со топката кога ја имаме во посед, а што без неа, да создадеме шанси и да ги искористиме“.
Јаневски нема да менува многу во играта. Има доволно офанзивни фудбалери за формацијата 4-2-3-1 или 4-3-3, сеедно, која ја негува и во репрезентативниот камп нема здравствени проблеми, што значи дека е во можност да го изведе најсилниот состав. Деновите до реваншот со Хрватите се одбројуваат со победнички мисли, при што колективната игра треба да биде клуч за успех против 11. светска фудбалска нација.
Пандев очекува среќата овој пат да биде со нас
Горан Пандев е во фантасична голгетерска серија. На подготовките за мечот со Хрватска се приклучи со нова реализација за Наполи во победата над Удинезе со 2:1 во неделата во Серија А, а јавноста очекува дека ќе прослави негов гол и в петок навечер на „Филип Втори“ и оти ќе наплати за сите промашувања на националниот тим во Загреб и во Глазгов. Свесен е за тежината на предизвикот и фаворитската улога ја препушти на селекцијата на Игор Штимац.
„Хрватска е фаворит не само во претстојниот меч, туку и во групата воопшто. Не' очекува тежок натпревар, но на првиот меч покажавме дека можеме да играме со нив. Создадовме доста шанси, меѓутоа среќата ни го заврте грбот. Очекувам овојпат да биде со нас“, изјави Пандев.
Капитенот е објективен кога станува збор за нашата фудбалска репрезентација во однос на креирањето шанси и реализацијата.
„Со големи репрезентации не може да се создадат десет ’зицери‘. Затоа, и најмалата шанса треба да ја искористиме. Хрватите дадоа гол во Загреб од полушанса. Не смее да не' понесе публи��ата и да тргнеме безглаво кон противничкиот гол. Очекувам Хрватска да нападне, а ние да ја повториме трпеливата и одговорна игра од првиот натпревар, да чекаме можност и да ја ефектуираме".
|