05.10.2012, 18:34 Металург загреан за Горење
Капитенот Димовски посакува мечот да личи на тој со Цимос Копер во минатата сезона
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Ракометниот првак на Словенија втора сезона едноподруго ќе му биде прв гостин на Металург во Лигата на шампионите. Лани тоа беше Цимос Копер, против кој македонскиот шампион славеше со 28:23, а вечерва од 18 ч. во „Борис Трајковски“ ќе гостува Горење од Велење. Победата над Цимос на стартот минатата година го навести историскиот пласман на „металурзите“ во осминафиналето, а сега водечкиот тим во словенечката лига доаѓа на мегдан по блескавата игра и победата на Металург во Шамбери од 33:30. Горење, пак, минатиот викенд пред своите навивачи го декласира Санкт Петербург со 36:22.
„Нека личи мечот на тој со Копер. Би било убаво да почнеме и да продолжиме на свој терен како во минатата сезона од ЛШ, кога во шест меча дома не' победи само Хамбург“, посакува капитенот на тимот од Автокоманда, Ванчо Димовски. „Очекувам тежок натпревар бидејќи словенечките екипи не респектираат никого. Не смееме да влеземе во нивниот ритам. Ако одиграме како во Шамбери, мислам дека ќе биде доволно за победа“.
Тренерот Лино Червар ги посочува како најголема опасност брзото движење на топката и транформациите на словенечките ракометари од одбрана во напад и обратно.
„Брзата транзиција и брзиот центар на кој инсистираат значи дека ќе мораме да правиме помалку измени“, забележува Хрватот. Цврстата одбрана до работ на инцидент, карактерот и тоа што во составот имаат шестмина репрезентативци на Словенија од јануарското Европско првенство во Србија се дополнителните квалитети на Горење што ги издвојува Червар.
Двете екипи имаа различен вовед во меѓусебниот дуел. Металург во средата загуби дома со 30:29 од Нексе во регионалната СЕХА-лига, а Горење истиот ден славеше во Целје со 25:24, продолжувајќи го максималниот ефект и по петтото коло од словенечкото првенство.
Мечот Металург - Горење ќе го водат Романците Сорин-Лаурентиу Дину и Константин Дин. Преостанатите двојки од второто коло во групата Ц се Санкт Петербург - Киелце и Силкеборг - Шамбери. |