06.10.2012, 18:34 Геј парада во Белград во четири ѕида
Парадата која мина под силно полициско обезбедување, денеска се одржа во просториите на белградскиот Медиумски центар
Во просториите на белградскиот Медиумски центар денеска се одржа „Парадата на гордоста во четири ѕидови“, која мина под силно полициско обезбедување. Собирот беше завршен со протест пред Медиумскиот центар.
Агенциите јавија дека големата сала во Медиумскиот центар била преполна, а меѓу учесниците на собирот биле и шефот на Делегацијата на Европската унија во Србија Венсан Дежер, шведската министерка за европски прашања Бригит Олсон и холандската пратеничка во Европскиот парламент Мари Корнелисан. Покрај активистите на ЛГБТ популацијата и организациите, присутни биле и голем број на српски и странски новинари, како и претставници на повеќе невладини организации.
Пред зградата на Медиумскиот центар и во центарот на Белград превентивно беа распоредени бројни полицајци со опрема за растурање демонстрации, но ситуацијата беше мирна. Премиерот и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ во средата изјави дека Парадата на гордоста и другите маршови, најавени за денеска се забранети поради безбедносни причини.
Сепак, собирот во Медиумскиот центар се одржа, а учесниците на „Парадата во четири ѕида“ на крајот одржаа и едноминутен протест пред неговата зграда. ОРганизаторите наведоа дека протестот е „мала парада и најтивок ненасилен едноминутен граѓански протест без ниту еден чекор“. Собирот беше завршен со порака дека организаторите никогаш нема да престанат да инсистираат да се одржи парадата на гордоста низ белградските улици, бидејќи како што истакнуваат тоа не е само нивна желба, туку и нивно право. Тие следната парада ја најавија за 29 септември 2013 година.
Парадата на гордоста во 2010 во Белград заврши со насилство и судири меѓу полицијата и ултранационалистичките групи, при што беа повредени 150 луѓе. (Дојче Веле)
|