05.10.2012, 12:10 Грчката дијаспора ќе го плаќа долгот на Атина
Грчките ислеленици во Северна Америка собрале 650 милијарди долари, но стравуваат од можна измама при плаќањето на грчкиот долг
Медиумите на грчката дијаспора во Северна Америка предупредуваат на можна измама, откако група активисти најавија дека собрале неверојатни 650 милијарди долари за да го отплатат долгот на Грција и на Кипар.
Американскиот хирург со грчко потекло Емануелис Ламбракис тврди дека, заедно со група негови соработници, успеале да соберат 650 милијарди долари, кои се подготвени да и ги позајмат на Република Грција за да ги вр��ти долговите кон европските влади и Меѓународниот монетарен фонд. За возврат, Ламбракис бара избори и истрага каде биле потрошени парите.
Ламбракис тврди дека грчки стопанственици од САД и Канада веќе ги собрале овие пари и ги депонирале во банки во Канада, заедно со уште 50 милијарди долари кои се нуди да и му ги позајми на Кипар на 100 години.
- Ќе одиме директно во ММФ и во Европската централна банка. Целта на овој проект е да го отплатиме грчкиот долг и веќе ќе ја немаме Тројката, ќе ја немаме Меркел да ни кажува дека сме мрзливи или дека треба да го сториме ова или она, вели Ламбракис во едно од телевизиските интервјуа во кои го најавува својот проект.
Со остра реакција на понудата на Ламбракис, и обвинувања дека се работи за измама за лековерните, се јави Грег Папас, грчки новинар од Чикаго. Папас потсетува дека сумата за спас на Грција која ја наведува Ламбракис е еднаква на проценетата вредност на компјутерскиот гигант Епл, или на американскиот одбранбен буџет.
- Целата вредност на најбогатите Грци во САД и во Канада не може да биде поголема од неколку десетици милијарди долари, а никако не може да стигне до 600 милијарди, вели Папас.
Сепак, и Папас во своето предупредување во врска со собирањето на донации од страна на Ламбракис, вели дека постојат и легитимни проекти за собирање пари од дијаспората за исплаќање на грчкиот долг.
Програмата која ја промовира Папас ја предводат бизнисмените Петер Номикос и сопственикот на фудбалскиот клуб Олимпијакос Вангелис Маринакис. Според оваа шема, Грците од дијаспората се повикуваат да купат грчки обврзници, со ветување дека по излезот од кризата овие обврзници ќе вредат осумпати повеќе. |