05.10.2012, 14:34 Жена со чанта тепала полицајци во Гостивар
Гостивар - Жена нападнала со чанта двајца полицајци во Гостивар, кои се обиделе да и побараат документи за легитимација. Триесет и осумгодишната албанска државјанка која престојувала во гостиварското село Добри Дол и била позната на позната на полицијата по извршени повеќе кривични дела. Но, кога била сопрема на улица таа не само што викала, ги навредувала и удирала по нив, туку и на помош викнала пријател, кој се обидел да ја спаси од ситуацијата и заедно да побегнат со неговото возило.
Несекојдневнито настан се случил завчера околу 16 часот, на крстосницата на улиците „Панче Попоски“ и „Страхиња Симоноски“ во Гостивар. Полицајците ја сопреле 38-годишната Е.К. од Албанија и и побарале документи. Таа тврдела дека со себе не носи ништо, и телефонски се јавила кај пријателка за таа да и ги донесе документите за идентификација.
Но, место пријателка по кратко време со „голф“ пристигнал нејзиниот пријател 42- годишниот Б.С. од гостиварското село Чегране. „Само што излегол од возилото веднаш почнал да ги навредува полициските службеници, упатувајќи им вулгарни зборови и псовки“, велат извори во полицијата.
Во моментот на расправијата Б.С. се обидел пријателката да ја внесе во возилото и физички да ги нападне полицајците. Но, албанската државјанка користејќи ја настаната мешаница со чанта го удрила по глава еден од полицајците и почнала да бега. Сепак, двајцата насилници биле совладани и приведени во полициската станица во Гостивар. Албанската државјанка веднаш е пренесена во затворот „Идризобо“ на издржување на шестмесечна затворска казна, а чегранецот Б.С. е пуштен на слобода. Против двајцата ќе биде поднесена пријава. (К.К.)
|