03.10.2012, 12:35 Бивш командант на ОНА пронајден мртов во штипскиот затвор
Се работи за Ибраим Сулејмани, кој беше обвинет за киднапирање четворица жители на тетовската населба Дреновец
Во штипскиот Казнено поправен дом изутрината е пронајден мртов затвореникот Ибраим Сулејмани, кој издржувал 15-годишна затворска казна.
Портпаролот на СВР-Штип, Снежана Санева информира дека случајот е пријавен во 7:30 часот.
- За време на будењето другите затвореници забележале дека Сулејмани не се одзива на повикот и веднаш го повикале надзорникот на чуварската служба. Медицинската екипа на самото место констатирала смрт, вели Санева.
Во тек е истрага од страна на истражен судија и јавен обвинител од Штип, по што ќе се утврдат причините за смртта на И.С.
Според првичните информации од управителот на Управата за санкции Лидија Гавриловска, а врз основа на направениот увид од медицинската екипа на штипската Брза помош, се работи за природна смрт на 39-годишниот затвореник, инаку познат како командант Мими, поранешен припадник на ОНА.
Сулејмани беше обвинет за киднапирање четворица жители на тетовската населба Дреновец, на кои им се губи трагата, а кои потоа беа прогласени за мртви.
Случајот со Сулејмани не замина со папката за предметот „Киднапирани Македонци“, заедно со преостанатите четири предмети во Хаг. Но и по враќањето на предметите во Македонија, затвореникот остана зад решетки и покрај тоа што минатат година Собранието го донесе законот за амнестија на хашките случаи. |