04.10.2012, 10:51 Кончаловски во Кинотеката на Македонија
Во Кинотеката на Македонија со проекција на филмот „Вујко Вања“ почнува циклус филмови од Андреј Кончаловски
Со проекција на филмот „Вујко Вања“, Кинотеката на Македонија почнува циклус филмови посветен на 75-годишнината од раѓањето и 50 години творештво на Андреј Кончаловски, еден од најпознатите повоени руски режисери.
Во наредните денови со почеток во 20 часот ќе бидат прикажани и филмовите: „Сибиријада“, „Љубовниците на Марија“, „Дует за еден“, „Мојата кокошка Рјаба“, „Куќа на лудите“ и „Сјај“.
Андреј, постариот брат на режисерот Никита Михалков, ја почнал својата кариера со сценарија според кои Андреј Тарковски ги снима „Ивановото детство“ и „Андреј Рубљов“ и на почетокот на својата кариера веднаш станал неизбришлив дел од светската филмска историја.
Во 1970 година го снимил „Вујко Вања“, екранизација на истоимената драма на А.П. Чехов, според многумина еден од најдобрите филмови снимени на руски јазик.
Ретроспективата на Кончаловски ќе трае до 13 октомври и е помогната од Амбасадата на Руската Федерација, Рускиот културно-информативен центар во Софија и Продуцентскиот центар „Андреј Кончаловски“. |