05.10.2012, 15:31 ЕК со нова препорака за почеток на преговори со Македонија
Нова препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија од Европската комисија, со укажување до Советот на Унијата да го овозможи ова без понатамошно одлагање, од што корист ќе има целиот регион. Ова е клучниот заклучок во најновиот извештај на Комисијата за Република Македонија, што официјално комесарот за проширување Штефан Филе ќе го претстави во среда, јави МИА, повикувајќи се на драфт-верзија од извештајот.
Драфт-документот е конечен и не се очекува да се промени при усвојувањето на Колеџот на комесари во среда, а според заклучоците тој е убедливо најпозитивен досега за Македонија. Во поединечниот прогрес-извештај, кој ќе биде меѓу 50 и 70 страници, за Македонија се очекува еднаш-двапати да се спомене и придавката „македонски“ во однос на јазикот и народот, со цел да се задоволат барањата на македонските највисоки политички претставници, јави МИА од Брисел.
„Поранешната југословенска Република Македонија доби кандидатски статус во 2005 година. Во 2009 година, Комисијата оцени дека земјата доволно ги исполнила политичките критериуми и препорача отворање на преговори за членство. Оваа препорака беше повторена од страна на ЕК и во 2010 и 2011 година, како и сега во 2012 година“, се вели во драфт-верзија на Стратегијата за проширување во која се наоѓа резиме од прогрес-извештаите за секоја земја што се наоѓа во овој процес. Стратегија за проширување за 2012-2013 година, освен за Македонија се однесува и на други шест земји (Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Исланд), а Комисијата подготвува една физибилити студија за Косово и сеопфатен извештај за мониторингот над Хрватска, која следната година станува полноправна членка на Унијата.
За Македонија Комисијата потенцира дека „силно верува дека напредувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливост на реформите, особено во однос на владеењето на правото, како и за зајакнување на меѓуетничките односи“. Притоа, ЕК потенцира дека во врска со Македонија и нејзиното пристапување во ЕУ „Регионот како целина ќе има корист”.
ЕК, како што јави МИА, ја споменува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. „Во декември минатата година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со земјата со спротивставување на нејзиниот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Останува есенцијално одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи комп��омисно и меѓусебно прифатливо решение на прашањето за името, под покровителство на ООН. Решение мора да се најде без понатамошно одлагање. Акции и изјави што можат негативно да влијаат на добрососедските односи треба да се избегнуваат“, препорачува ЕК.
|