03.10.2012, 14:58 Абдул Алили е осомничениот за двојното убиство во Италија
Детали од истрагата на тамошната полиција по злосторството во Монтелупоне
Абдул Алили е македонскиот државјанин осомничен дека изминатиот викенд извршил двојно убиство во Монтелупоне, Италија. Злосторството било извршено со кујнски нож, долг 15 сантиметри, иако целта на нашинецот била да ги ограби брачните содружници на возраст од 83, односно 73 години, кои живееле на два километри оддалеченост од неговиот дом. Ова се детали од истрагата на италијанската полиција што ги пренесуваат тамошните медиуми.
Според нив, првите сознанија на инспектори��е биле оти грозоморниот акт било дело на 23-годишен Мароканец, кој, исто така, живеел во соседството. Но, коцките од мозаикот набргу почнале да се склопуваат. Трагите од крв биле насекаде, најдени биле јагленосани предмети. Од полицијата објаснуваат оти Алили, кој бил пријавуван за разни кривични дела, веројатно сакал да ги ограби жртвите.
„Зошто толкава бруталност“, се прашуваат весниците и оставаат можност сторителот да бил под дејство на дрога.
По признанието, Алили веднаш бил префрлен во затвор. Кујнскиот нож со кој било извршено злосторството бил пронајден скриен во трактор. Помала количина накит, украдена од несреќната брачна двојка, пак, била пронајдена закопано во поле.
Како што објавивме вчера, во крвавиот пир на 28-годишниот македонски државјанин, настрадаа Паоло Маркони (83) и Ада Черкети (73). Според соседите, тие биле мирни и повлечени луѓе, поранешни земјоделци. Нивната најмлада ќерка во неделата наутро дошла да ги земе и да ги однесе на миса во црква. Била шокирана кога ги забележала жолтите полициски ленти. Не го дочекале заедничкиот одмор кој го планирале.
Маркони бил болен од Алцхајмерова болест. Извори од полицијата тврдеа дека сторителот се обидел да ја запали куќата во надеж дека ќе ги сокрие многуте докази што ги оставил зад себе. Абдул Алили е женет и татко на три деца. (Г.А.)
|