03.10.2012, 18:22 Немало пресметка меѓу ученици во Чаир
„Немаше тепачка меѓу учениците“, идентичен е ставот на заменик-министерот за образование и наука, Сафет Незири, и на градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, во врска со последните инциденти меѓу албанските и македонските ученици во училиштето „Цветан Димов“ кое неодамна беше преименувано во „Хасан Приштина“.
Тие не ја демантираа информацијата дека ученици Македонци биле физички нападнати од соученици Албанци кои насила ги терале да го извикуваат името на Хасан Приштина, но категорично тврдеа дека немало масовна тепачка.
„Инциденти меѓу другарчињата може да се случат во кое било училиште. Министерството е во постојан контакт со директорите на училиштата и с�� локалните самоуправи за да се набљудува ситуацијата во училиштата и да се оцени какви се односите во колективот и меѓу учениците“, рече Незир.
Според Меџити, погрешна е информацијата дека имало масовна тепачка. „Ваквите информации не одат во прилог на соживотот и на образованието. Со денешното пуштање во употреба на реконструираното училиште ’Лирија‘ покажуваме дека образованието ни е приоритет и дека правиме се' за да се подобрат условите за децата во образованието“, рече Меџити.
Од опозицискиот СДСМ обвинија дека одговорните не преземаат мерки за спречување на меѓуетничките тепачки меѓу учениците.
„Го повикуваме МВР да престане да го крие инцидентот и да престане да се правда дека нема официјална потврда“, рече потпретседателот на партијата, Гордан Георгиев, додавајќи дека министерот за образование и наука е контрадикторен затоа што повикува на смиреност, а истовремено потврдува дека нема информации за инцидентот. (П.Р.) |