03.10.2012, 15:28 Ана Дурловски повторно ја воздигна Лучија
Иако без визуелна раскошност, препознатлива за класичните опери, обновенета „Лучија од Ламермур“ донесе свежина и во овој контекст
Ана Дурловски е вистинска оперска дива. Ако во нејзината прва Лучија блескаше на нашата сцена во 2000 година со својата младешка енергија, тогаш откривајќи ни го и својот прекрасен колоратурен сопран, денес во нејзината Лучија таа воодушевува со зрелоста, сензуалноста, моќта за привлечност. Вчеравечер, во преполната сала на Македонската опера и балет, Ана Дурловски повторно измами воздишки, овации и силни аплаузи запечатувајќи ја оваа ролја во операта „Лучија од Ламермур“ на Доницети, како свое најдобро досегашно достигнување во кариерата, или како што и самата ќе каже, како улога која е веќе нејзин знак на препознавање.
Ана Дурловски, всушност, и во вчерашната новообновена изведба на „Лучија од Ламермур“, и' го даде сјајот на операта на италијанскиот композитор, не случајно наречен „генијален мелодичар“, и таа без сомнение треба да остане на редовниот репертоар на нашата куќа. Македонската сопранистка која својата кариера годиниве наназад ја гради на европските сцени, и сосема заслужено се кити со награди за најдобра оперска певица на годината, гордо на плешки ја носеше сета тежина на комплексната, романтичарска, мелодична приказна за која е неопходна совршена техника, виртуозност, но и актерска, па и животна зрелост. Препознатливи се нејзините „славјески“ летови во висините на нејзиниот глас кои мамеа аплаузи на отворена сцена, особено во ариите.
Но, се разбира, успехот во целост се должеше и на влогот и умешноста и на останатите пејачи, Борис Трајанов како Енрико и Владимир Саздовски како Рајмондо, но особено на нејзиниот партнер на сцената, гостинот од Аргентина, тенорот Пабло Караман, кој го играше Едгардо и со кого оствари успешна комуникација. Двајцата дишеа соединети во единствената, но трагична љубов која е средиште на приказната, пленеа во вокалните дуети сликајќи ги и верно карактеристиките на своите ликови.
Иако без сценски гламур, односно визуелна раскошност препознатлива за класичните опери, обновената „Лучија“ донесе свежина и во овој контекст. Минималистичката сценографија на Лев Пулиезе од Италија, во која огледалото на средината ги претставува двете страни на човештвото, доброто и злото, но и неговата едноставна режиска концепција користејќи малку од алатките, но доволно за неопходната динамика, и секако костимите на Марија Пупучевска вклопени во севкупната замисла, се разбира и ��оплината на оркестарот предводен од маестро Алесандро Дагостини кој ги потенцираше драмските контрасти, како и специфичните за ова дело меки лирски мелодични слики, создаде да посакаме да ја видиме „Лучија од Ламермур“ повторно. Всушност, оваа поставка го постигнува она кон што и самиот Доницети тежнеел - со едноставни средства да се достигне силата на драмскиот интензитет. (Т.И.) |