04.10.2012, 13:22 Опра и Бритни – најплатени жени во шоу-бизнисот
„Форбс“ неодамна ја објави листата на најплатените жени во шоу-бизнисот, а Опра Винфри повторно е на челната позиција
Според листата на „Форбс“ објавен неодамна за најплатените жени во шоу-бизнисот, водителката Опра Винфри повторно ја зазела челната позиција.
Популарната американска водителка се нашла далеку пред сите, со годишна заработувачка од 165 милиони. На второто место е Бритни Спирс, која така станала најплатената пејачка на светот во минатата година.
Проблематичната поп-ѕвезда, која повеќе го привлекуваше вниманието со скандалите отколку со музиката, успеала за една година да инкасира 58 милиони долари, особено благодарение на рекламните договори и продажбата на своите парфеми. Иако нејзиниот албум „Фам фатал“ не минал најдобро, нејзините синглови „Till the World Ends", „I Wanna Go“ i „Hold It Against Me“, кои бележат рекордна продажба, значително придонеле за нејзиното богатство, како и нејзините многубројни концерти.
Веднаш зад неа е младата кантри-пејачка Тејлор Свифт со заработувачка од 57 милиони долари. Покрај договорот со козметичката куќа „Кавер грл“, главен извор на нејзините приходи биле албумот „Спик нау“, истоимената турнеја и синглот „We Are Never Ever Getting Back Together“.
Четвртото место го делат Ријана и водителката Елен Деџенерис со 53 милиони долари, а петтото место е за Џенифер Лопез и Лејди Гага со 52 милиона долари.
Меѓу најплатените жени во шоу-бизнисот се уште и поп-ѕвездата Кејти Пери и манекенката Жизел Бундшен. |