05.10.2012, 20:25 Кавги меѓу ДУИ и ДПА на седницата за доверба на Владата
Пратениците од партиите на Албанците со навредливи зборови и закани се докажуваа кој повеќе направил за нивните граѓани, а кој повеќе работел на нивна штета
Во тензична и напната атмосфера, особено меѓу пратениците од ДУИ и ДПА се одвива седницата за доверба на Владата. Пратениците од партиите на Албанците со навредливи зборови и закани се докажуваа кој повеќе направил за нивните граѓани, а кој повеќе работел на нивна штета.
Откако министерот за економија Ваљон Сарачини им порача на пратениците на ДПА дека нивна заслуга е тоа што министерите во Собрание зборуваат на албански јазик, право за кое ДПА не успеала да се избори, им се обрати со зборовите:
„Вие сами навредувате, а не се гледате какви бандити сте".
Потоа надвор од говорницата, но во собраниската сала дојде до мал конфликт меѓу пратеникот на ДПА Зијадин Села и министерот за правда Блерим Беџети кој на албански му дофрлаше од место, а тој го повика да излезат надвор и таму да кажат што имаат.
Пратеникот на НДП, Изет Зекири користејќи го методот на Талат Џафери од ДУИ, покажувајќи графикон на кој се гледа дека поголем дел од буџетот се троши од македонските министри, молчеше на говорницата.
На тоа реагираше претседателот на парламентот Вељаноски, кој сакаше да му го одземе зборот бидејќи молчеше.
Во моментов пратениците се на пауза, а седницата треба да заврши до полноќ по обраќањето на премиерот Никола Груевски. За да биде изгласана недовреба на Владата СДСМ треба да обезбеди најмалку 62 пратенички гласови, што според расположението во Парламентот тешко ќе се случи. (Т.П.)
|